Џојс пред реваншот против Жанг: Знам што треба да направам овој пат

Во април тешкашот Џо Џојс загуби од Кинезот Жилеј Жанг со прекин во шестата рунда и го загуби привремениот шампионски појас на ВБО.

На Јагернаут тоа му беше прв пораз во кариерата, по што побара и доби реванш. Џојс и Жанг повторно ќе се сретнат во рингот на 23 септември на настанот во Вембли арената во Лондон.

Во последното интервју Џо откри дека добро се подготвил за реваншот и научил многу од грешките кои ги направил во првата борба.

„Се чувствувам добро, силно, подготвено, возбудено… Малку сум потежок и малку поискусен, знам што треба да направам овој пат“, изјави Џо Џојс и додаде:

„Помина долго време од борбата, но знам колку грешки имаше на тој меч. Сега поправив се што беше направено погрешно. Доаѓам многу попосветен и фокусиран на средбата, тренирав одлично, имав одлични спаринг сесии и разработував тактики за борба против Жанг“.

И пред да загуби во својот последен меч, Џојс размислуваше за потенцијални борби против Тајсон Фјури или Александр Усик.

„На првиот меч некако почувствував дека Жанг е многу потежок од мене и беше тешко да го оттурнам. Но, сега ќе бидам и малку потежок, па мислам дека можам многу повеќе. Нема така лесно да ме оттурнат“, истакна Џо Џојс и подвлече:

„Малку ме изненади со прецизноста и брзината. Беше многу добар, а можеби и јас се повлеков малку повеќе. И медиумите ја одиграа својата улога, ме претставија како неуништлива сила. На крајот Жилеј го напушти рингот со појасот. Но, научив многу од тој пораз и сега сакам да ја вратам титулата“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО