Џејми Фокс како Мајк Тајсон во новата мини серија

Се подготвува мини серија инспирирана од животот на Мајк Тајсон, а главната улога ќе му припадне на познатиот актер Џејми Фокс, пишува „Холивуд репортер“.

Мини серијата за Тајсон ќе ја режира американскиот режисер Антоан Фукуа, потврди неговиот портпарол, а за продукцијата на овој проект ќе биде задолжен Мартин Скорсезе.

„Долго време барав некој кој ќе ја раскаже мојата приказна“, рече Тајсон, кој верува дека неговото неодамнешно враќање во рингот и „поддршката од многу обожаватели претставува совршен момент за тоа“.

„Се радувам на соработката со Мартин Скорсезе, Антоан Фукуа, Џејми Фокс и целиот креативен тим. Заедно, ќе ѝ понудиме на публиката серија за мојот професионален и личен животен пат, кој истовремено инспирира и забавува“, рече поранешниот боксер.

Тајсон, познат и како „Челичниот Мајк“ на 28 ноември се врати во рингот на 54-годишна возраст. Тој боксуваше против 51-годишниот Рој Џоунс Џуниор и натпреварот, кој траеше осум рунди, заврши нерешено.

Мајк Тајсон е еден од најголемите имиња во историјата на боксот. Во својата професионална кариера има 58 борби, од кои дури 50 победи. Тој на свои 20 години стана најмладиот светски шампион во тешка категорија.

Кон крајот на февруари, платформата „Хулу“ го најави својот нов проект за животот на Тајсон наречен „Iron Mike“ – „Железниот Мајк“. Но, поранешниот боксер тогаш изјави дека овој проект се реализира без договор со него и ја осуди „алчноста“ и „присвојувањето“ на „Хулу“ на неговата животна приказна и повика на бојкот на платформата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО