Дмитри Бивол по новиот триумф: Можам да го победам Бетербиев, сакам да бидам апсолутен шампион

Непоразениот Дмитри Бивол беше успешен и во својата десетта одбрана на титулата на ВБА во полутешка категорија.

На настанот во Абу Даби, рускиот боксер со едногласна одлука го победи Мексиканецот Жилберто Рамирез, а по мечот го прозва Артур Бетербиев (18-0), кој ги поседува другите три појаси.

Многу повеќе се очекуваше од Рамирез кој до мечот против Бивол не знаеше пораз, имаше 44 победи во низа.

Статистиката целосно беше на страната на Русинот, за кого сите тројца судии бодуваа во негова корист (117-111, 117-111 и 118-110).

Бивол погоди 131 од 643 удари (20,4 проценти), додека Рамирез погоди 107 од 878 удари (12,2).

Рускиот борец остана на својата тактика, не избрзуваше и градеше победа од рунда во рунда.

„Можам да го победам Артур Бетербиев, бидејќи верувам во своите вештини“, изјави Дмитри Бивол (21-0).

Руско-канадскиот боксер Артур Бетербиев (18-0) е сопственик на титулите во полутешка категорија ИБФ, ВБЦ и ВБО.

„Секако дека би можел да го загубам тој меч. Тоа ќе зависи од мојата физичка и психичка подготовка. Можев да загубам од Рамирез. Се обидов да направам се како што треба со мојот табор, и верував во себе“, изјави Дмитри Бивол, а верува дека е подобар од Бетербиев:

„Имам добра одбрана и добри комбинации. Имам добри боксерски вештини. Секако дека можам да го победам. Ми треба само добар тренинг камп и добри спаринг партнери. Се сеќавате што зборуваа луѓето за Канело. Сите ние сме луѓе, а не чудовишта. Некој посилен и побрз, но сите сме луѓе. А јас сакам да бидам апсолутен шампион“.

Боксерскиот промотор Еди Херн истакна дека пред една година на хартија Артур Бетербиев ќе беше фаворит против Дмитри Бивол.

„Тоа веќе не е така. Искрено верувам дека Бивол е најдобрата полутешкаш во светот. Колку и да е добар и опасен Бетербиев, не верувам дека може да го победи Дмитри“, подвлече Еди Херн.

Најдобрите моменти од мечот меѓу Биволо и Рамирез погледнете ги ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО