Димче Шипинкаровски го прозива претседателот на ЏФМ за неуспешната работа

Противкнадидатот на вонредното Собрание на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) што се одржа во мај и член на претходниот Извршен одбор на Федрацијата, сегашен член во управата на ЏК Дрим од Струга, Димче Шипинкаровски, испрати отворено писмо до сегашниот претседател Зеглул Реџепи.

Шипинкаровски кој беше поддржан од 9 клубови  во трката за претседателската позиција со Реџепи вели дека тој не ги исполнил програмските ветувања, при што го прозива за многу работи во ЏФМ.

Во целост го пренесуваме писмото на Шипинкаровски.

„Јавно го прашувам  претседателот Реџепи, за каква цел се потрошени  средствата што ги затекна на жиро-сметка и тоа во износ од над 1.500.000, денари и 8.000 УСД долари. Ова беа финансиски средства што се наоѓаа на денарската и девизната сметка на ЏФМ кога вие дојдовте за Претседател на ЏФМ. Во изборната програма Реџепи промовиравте големи спонзорства, како и блескава иднина за џудото. За жал, ниту еден обичен турнир до сега не се организира под покровителство на ЏФМ. Со парите што ги затекнавте во Федерацијата, до сега ништо не видовме, освен непотистичко апсолутистичко владение и недомаќинско трошење. За нови приливи на сметка и донации не сме слушнале, а  не сме ни виделе некакви активности. Од големите ветувања за спонзорствата во клубовите не видовме ниту денар, барем поголемиот дел од активните клубови во Македонија. Дури и за учество на Балканското првенство во Босна и Херцеговина на некои од репрезентативците, наместо Федерацијата, трошоците си ги покрија самите репрезентативци и матичните клубови. Жалосно е што Реџепи освен што имаш преголема желба за власт, за друго, искрено, во изминатиов период ништо не успеа да покажеш. Во хајката што ја водевте против поранешниот претседател Филип Иванов со неколкутемина приврзаници, јасна беше целта – да се востоличите на тронот на ЏФМ. Во повеќе наврати во моите обраќања до сите клубови  јавно ви напомнував, а и вас лично дека може многу лесно да пропадне проектот од Меѓународната џудо федерација (ИЏФ). Проектот тежеше 250.000 евра, донација за развој на џудото во Македонија. До ден-денешен никој јавно не ве критикуваше за вашето анархистичко работење од една проста причина, а таа е  да не се изгубат средствата од овај проект. За жал, резултатот е катастрофален, донацијата е стопирана, а каде и во која држава ќе завршат овие средства допрва ќе видиме.

ИЏФ го стопира проектот, нови инвестиции и спонзори се многу малку, скоро и да ги нема. Клубот Кожувчанка не е нов спонзор, туку е традиционален подржувач на џудото, за што јавно користам прилика да и честитам за ваквата несебична подршка. Искрено не верувам дека подршката е дело на претседателот Реџепи, туку многу повеќе е резултат на тимот од ЏК Кожувчанка. Реџепи да се ќитите со туѓи перја не ве личи. Настов, Колев и останатите од тимот на Кожувчанка, како и сопственикот на Кожувчанка, тоа го прават од љубов кон џудото, а не заради вас.

Турнирот во Струга го отвори Директорот на Агенциијата за млади и спорт, г-динот Дарко Каевски. Реџепи, не само што не дојдовте туку и не честитавте за најпрофесионално организираниот турнир, напротив, се обидовте и да го минирате. Место да се испратат судии од Македонија, ни судеа судии од гостите. Респект кон двајцата наши судии Шекероски и Јолески. Двајцата си ја завршија работата најпрофесионално, онака како што им доликува на сериозни и одговорни луѓе. Благодарност и кон подпретседателот Гешовски и селекторот Димитриески кои дојдоа на турнирот и се вложија максимално, за да се одржи таков еден турнир. Само од ЏК Ипон – вашиот матичен клуб немаше ниту еден учесник, што е срамно за вас како прв човек на Федерацијата.

Од вашите ветувања Реџепи не само што нема ништо туку имате само разор со најдобриот тренер во Македонија г-дин Паскоски и  со нашиот најдобар  врвен светски џудист Јашари.  Зеглул Реџепи едно нека ти биди јасно ти никогаш нема ни приближно да придонесеш за равојот и афирмацијата на џудото во Македонија колку што имаат придонесено Паскоски и Јашари. Колку и да правиш опструкции, нивните  резултатите се непобитен факт.

Кажувате „Да, така е, боранија, ама не заборавај дека таа Боранија инвестираше во тебе преку 15.000 евра“! Чиви пари Реџепи си инвестирал во Јашари? Лично твои или само си ги пренасочил пари добиени од федерацијата?! Парите не се за да потпишувате репрезентациски трошоци од по 1000 евра како што е вашиот стил на управување, туку тоа се средства за развој на џудото, а не за пијанки и веселби. Претходниот претседател Филип Иванов, јас како тогашен член на ИО на ЏФМ, во повеќе наврати  јавно го критикував дека треба да се погледне повеќе кон развојот на џудото во Македонија, поддршка на домашни турнири и слично, а не само учество на  меѓународните турнири со нашите репрезентативци. Непобитен факт е дека резултатите во тој период  беа големи. Успехот на нашите репрезентативци јавно ги призна и пофали и директорот на АМС, Дарко Каевски. По големиот резултат во Тунис, Паскоски со Хамза, Берна, Томче и г-динот Габриел Сапта имаа прием во Агенцијата и им даде јавна подршка и ветување дека и понатаму ќе ги поддржува нашите репрезентативци во рамките на можностите на АМС.

Репрезентативниот состав го доведовте на точката под минимум што е ,,Дно на дното“. По случај на околностите Балканското првенство што требаше да се одржи во Косово на наша среќа го откажаа и ќе се одржи во Кавадарци. Нешто што сепак ќе го раздвижи џудото во Македонија. Но, организатор ќе е тимот на Кожувчанка. Вас дури ни на пресот за медиумите ве немаше, искрено кажано – жално и срамно.

Г-дине Реџепи ако мислите дека оние 9 клубови што ме поддржаа мене дека ќе ви покренат некакво вонредно собрание за ваше симнување од тронот, не немојте да се плашите од нив. За многу брзо време, како што се движат работите, ако продолжите вака неодговорно да се однесувате, иницијатори ќе се оние истите кои беа против Филип Иванов. Не заради нешто друго, туку заради тоа што од она што го ветивте ништо не исполнивте. Со Меѓународната џудо федерација проектот го пропаднавте, репрезентативците се незадоволни, турнири под покровителство на ЏФМ  во Македонија нема, спонзорите ви ги нема. Страшно!

Од преписката со Хамза Јашари може да се види дека репрезентативецот јавно кажува дека нема ни кимоно и се појавуваме како партизани. Претседателе Реџепи за трошоци по каефани  има средства во Федерацијата, а за репрезентативците за  кимона со македноските симболи, како и тренерки или македонско знаме за секој репрезентативец или и за други основни потреби  што го одбележуваат еден репрезентативец нема.

Реџепи на вашиот личен Фејсбук профил сте ставиле ваша слика со репрезентативците од Косово по повод 10 годишнина од постоење на репрезентацијата на Косово. Но, за жал, на вашиот профил досега не постои слика со Македонската репрезентација или ви беше тешко или можеби навредливо да се фотографирате со Хамза, Берна, Еди, Артан, Арбреша, Борче…

Можам да пишувам уште многу но тоа ќе го оставам на вашите неодамнешни подржувачи односно  незадоволни привразници тие нека ви ја кажат вистината во очи.

Струга 29-08-2018 година“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON