Џиу-џицата е древна јапонска боречка вештина, а нејзиниот почеток е поврзан со 17 век и нејзиниот основач, Широбеи Акијама, студент по медицина, кој студирал во Кина. Настанот што го навел да размислува и првиот чекор во оваа боречка вештина, всушност, бил кога еден зимски ден тој гледал низ прозорецот и забележал како гранките на дрвјата се кршат под тежината на снежната покривка, а дрвото и гранките на врбата се виткале не пружајќи отпор на снегот. На тој принцип ја засновал и вештината на која и дал име ЏИУ-ЏИЦА.
Во периодите на граѓански конфлити, вештината најмасовно ја користеле самураите (аристократски воини). Во тој период џиу-џицата се учи и како боречка вештин, но и како физичко и ментално учење.
Во 1870 година е златното време на џиу-џицата, како период на враќање на јапонскиот цар и крај на феудализмот и на владата. Во тој период, самураите си ја повратиле својата чест и традиција и боречката вештина се спасува од заборав. Во тие период и порано, вештината била средство за невооружени или лесно вооружени воини да се борат со добро вооружени и оклопни непријатели на бојното поле. Во битката, често пати, било невозможно самураите да го користат својот долг меч, па биле принудени да се потпираат на својот краток меч, нож или голи раце. Кога биле целосно опколени, ефективната употреба на вакви мали оружја ја покажува потребата од ваква боречка вештина.
По овој настан, вештината се проширува на четири континенти со посредство на луѓе што ја посетуваат Јапонија. Формирањето на вештината ги развива и другите боречки вештини, а тука, првенствено се мисли на Џудото и Аикидото.
ЏИУ-ЏИЦА е вештина на самоодбрана, наменета за лична самоодбрана, укажување помош на нападнати лица, со цел да се ослободат од напаѓачот. Карактеристично за џиу-џицата е тоа што претставува борба без шаблон и без правила . Џиу-џицата е наменета за ослободување од разни зафати на рацете, телото или облеката, одбрана од разни удари со рака или нога, одбрана од напади со разни предмети – нож, палка, пиштол и сл. Поголемиот дел од зафатите во самоодбраната се создадени така за да во првиот момент предизвикаат многу силна болка кај противникот, која може да се појави како резултат на некој „лост“, прекумерно истегнување или стегнување на зглобот на рацете, фрлање или на притисок врз осетливите витални делови од телото на противникот. Исклучително е важно да се постигне степен на автоматизација на техниките и техниката која што се изведува, да не биде пореметена од никакви емоционални состојби или размислувања. Како последица на тоа, во реална борба телото се поставува во соодветна положба во однос на противникот. Зафатите во џиу-џица претставуваат многу ефикасно оружје за лична самоодбрана. Во современата џиу-џица вештина, сите осетливи места се нарекуваат „витални точки“ и ги претставуваат „Ахиловите петици“ и кај најјаките противници. Со удар или притисок на виталните точки може моментално или трајно некој да се онеспособи за борба.
Во џиу-џица постојат голем број на удари – атеми ваза. И, точно се знае кој удар во која витална точка треба да се пласира. Тука се и техниките на фрлање – наге ваза. Целта е противникот да се преврти, односно да се најде во таква положба која ќе му оневозможи понатамошна борба. Во арсеналот на џиу-џица исто така се вбројуваат и техниките на лостови – кансецу ваза. Се знае дека на еден зглоб не можат да се вршат движења во сите можни правци, туку само оние коишто се предодредени со самата градба на зглобот. Значи, ако се врши движење во погрешна насока доаѓа до силна болка, а ако се продолжи со тоа движење, и до пукање на зглобот. Лостовите се изведуваат на рацете, нозете, прстите, дланките, стапалата, вратот, дури и на `рбетот. Ако нема потреба од нивно изведување до крајот, доста се погодни за контролирање на напаѓачот.
Џиу-џицата како спорт започнува во 1977 година, по заедничка иницијатива на Германија, Италија и Шведска. Основана е Европската џиу-џица федерација (EJJF). Десет години подоцна во 1987 година, кога сите главни европски земји веќе се членки на EJFF, спектарот на активности и иницијативи беше проширен до светски рамки.
Спортската џиу-џица се работи по строго утврдени правила за борба и тоа се почитува подеднакво исто во сите држави ширум светот. Постојат светски, европски, балкански првенства, а најново е и основањето на Јадранската лига.
Џиу-џицата во Македонија, како национален спорт, започнува да работи на 4 февруари 2010 г.. Во овој момент се четири клуба и близу 200 члена. Репрезентацијата што ја претставува Македонија сочинува 15 члена. Македонската џиу-џица федерација работи по посебна програма за деца до 12 годишна возраст, а се со цел да кај младите да се развие спортскиот дух, да се подобри менталниот склоп, како и психофизичката состојба. Низ игра и прецизно смислени техники за самоодбрана, кај децата се развива чуството за работа во групи,воспоставување на партнерско-другарски односи, развој на позитивни комуникации, како и развој на позитивни морални особини. Децата што тренираат боречка вештина имаат корисна и здрава забава и во исто време се заштитени од негативните влијанија на општеството.
ipon.mk/Алексанадар Ацески