Дионтеј Вајлдер најави дека оваа година ќе има три меча: Сите борци се потенцијални противници

Поранешниот шампион на ВБЦ во тешка категорија Дионтеј Вајлдер изјави дека оваа година ќе боксира најмалку три меча.

Враќањето на Бронзениот бомбардер во рингот се очекува во мај или јуни против противник кој засега го чува во тајност.

Еден од менаџерите на Вајлдер, Шели Финкел, минатиот викенд изјави дека сакаат борба против Ентони Џошуа, но другата страна не е заинтересирана за таа борба.

Финкел истакнува дека „Џошуа би можел да ја добие борбата со Вајлдер, само тој да го сака тоа“.

Но, следен противник на Еј Џеј е Џермејн Френклин, со кого се бори на 1 април, а потоа во јули има дуел против Дилиен Вајт во Велика Британија.

Останува да видиме дали Џошуа ќе биде заинтересиран да се бори со Вајлдер подоцна оваа година. Промоторот на Ентони, Еди Херн, не ја исклучи оваа можност.

Но, ако загуби од Френклин или Вајт, тогаш Џошуа би можел да се пензионира.

А Вајлдер (43-2-1, 41 КО) рече дека се договараат две борби против поранешниот шампион на УФЦ Френсис Нгану, едната ќе се одржи во Саудиска Арабија, а другата во Африка.

„Помеѓу мај и декември би требало да имам најмалку три средби“, изјави Дионтеј Вајлдер, а на прашањето дали е можен реванш против Тајсон Фјури, тој вели:

„Секако. Ќе го направиме тоа повторно. Следете не“.

Ако Вајлдер сака повторно да се бори со Фјури, мора да победи во следните неколку натпревари, бидејќи по двата порази од Џипси Кинг имаше само еден меч. Минатата година во октомври го победи Роберт Хелениус со нокаут во првата рунда.

„Сите борци се мои потенцијални противници. Разговараме со сите, особено со оние од врвот. Сите се спомнати во нашите разговори и сакам борците да го знаат тоа“, рече Деонтеј Вајлдер и подвлече:

„Во моментов преговараме со Нгану. Се обидуваме да организираме две борби“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО