Дејан Митровски за настапот на ЕП: Браво за целиот тим! Задоволен сум од успехот!

Одбраната кик бокс репрезентација освои два медала на Европското првенство во Атина, Грција, што е огромен успех. Бобан Илиоски ја потврди својата доминација во Европа со освојувањето на златниот медал и одбраната на титулата од пред две години, додека Стефан Михајловски освои бронза.

Можеби можеше уште некој медал, но повеќе успех и среќа во наредните настапи.

Селекторот и претседател на Кик бокс маитаи федерацијата на Македонија Дејан Митровски-Урко го анализираше настапот на нашите кикбоксери.

„Мој впечаток е дека сите наши борци стануваат се поискусни и поискусни, кондициски, психички и ментално се поподготвени. Тоа е резултат на стекнувањето искуства од многуте купови, првенства, каде што го проверуваме нивниот напредок зада знаеме на кого што му фали и да ја подобриме техниката. Искрено, од сите очекував медал, но, за жал, Леа Бошевска, Андреа Костовска и Мите Ашкилов од ова првенство се враќаат без медал, но со искуство плус“, вели Митровски и додава:

„Покажаа извонредна борба и техника, но противниците беа поискусни и подобри. Овие порази на сите се стимул за следните борби кои им претстојат, односно да дадат повеќе од себе за победа“.

Митровски се осврна на настапот на медалистите.

„Стефан Михајловски во четвртфиналето се избори одлично. Доминираше во целата борба и победи, но во полуфиналето борбата беше многу тенка, на крај Стефан загуби за еден бод. Противникот на Стефан беше доста повисок, но тој успеваше да го одбие, си ја изработи својата техника и пружи многу солиден отпор.

За Бобан можам да кажам дека е перфектен борец кој во реално време прецизно ги согледува сите аномалии на противникот и на самото место му ја смислува тактиката потпомогната и од нашиот агол на тренерите. Боби сите три борби и четвртфиналето со Хрватот Петар Јаман, полуфиналето со Гркот Филис Христос и финалето со Ерик Нивегловски од Полска ги изработи смирено со умисла и без некои тешкотии и премногу трошење на силата ги совлада сите. Посебно добра процена му направи во полуфиналето на грчкиот натпреварувач, го намами на лажњак со предниот лев директ да тргне на него и го нокаутира со предното лево кроше“, истакнува Митровски.

Тој изразува благодарност до Министерството за спорт за поддршката што ја добиваат, а која секогаш ја оправдуваат.

„Браво за целиот тим, за сите борци! Задоволен сум од успехот, но тука не застануваме, одиме понатаму со победи“, нагласува селекторот со констатација дека кикбоксот е национален спорт број еден.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО