Дебакал на Балканот, Јапонија најдобра со 7 финалисти на СП во карате

serkan-yagci-ushiromawashi

Балканот од Турција до Словенија доживеа дебакал на Светското карате првенство во Линц Австрија.

Само еден каратист ќе се бори за шампионската титула во десетте категории (5+5), а тоа е Елени Чацилијаду (+68 кг) од Грција (противник ќе и биде Ајуми Екуса-Јапонија). Во шест борби ќе имаат можност да освојат бронзен медал. Уште сега е сигурен само еден медал, бидејќи во категоријата над 84 килограми ќе се сретнат Аџело Квесиќ од Хрватска и Харис Суљјаковиќ од Босна и Херцеговина.

Шанса за медал ќе имаат Ивона Чавар (-68 кг) од Босна и Херцеговина против Гите Бунстад од Норвешка, Марина Раковиќ (-68 кг) – Црна Гора ќе се сретне со Силвиа Семераро – Италија, Маша Видиќ (+68 кг) – Хрватска против Хамидех Абасли – Иран, Ујгур Бурак (-67 кг) – Турција – Стивен Дакоста – Франција и Хеорлинд Нишевци – Косово против Андреј Гриневич – Белорусија ќе ја бара шансата за историски медал.

Од сите балкански земји позитивно изненадување е Косово, затоа што е најмлада члнека на ВКФ. За разлика од другите земји Босна и Херцеговина има шанса за два медала, што сепак е успех кој ќе биде целосен со освојување одличјата.

Најголем губитник е Турција која ќе има само еден натпреварувач во борбите за медал, со тоа што во овој дел ќе се вклучи и женската екипа во кати во борбата за бронзата со Египет, како и Хрватска со Италија. Можеби впечатокот ќе го порават екипите во борби.

Македонија, Србија, Словенија и Албанија не се вклучија во борбите во распределабата на медалите.

Македонија останува со единствениот медал од Светското првенство во 2010 година, кога Жарко Арсовски го освои бронзениот медал. Пред одењето бевме оптимистички расположени, а тренерот на репрезентацијата Петар Белистојаноски се надеваше на три медали, но сите потајно со сигурност играа на Емил Павлов. Додуша Павлов покажа најмногу, извојува три победи и стигна до четвртфиналето, каде што беше поразен со 1-0 од Фирдовси Ферзалиев од Азербејџан. Со исто толку победи е и Симона Заборска, која во четвртфиналето изгуби со судиско изјаснување при резултат 0-0.

Инаку, Јапонија има седум финалиња (3 во машка и 4 во женска конкуренција), Франција 4, Египет 3, Шпанија, Азербејџан и Иран имаат по 2 финалисти, и Грција, Бразил, Унгарија, Данска, Австрија, Холандија, Мароко и Англија по 1 финалист. Во  оваа пресметка се влезени борбите  и катите во поединечна и екипна конкуренција.

Велесили како Италија, Турција и Србија немаат финалисти.

Полагаме надежи во екипниот дел во борби, односно во потешкиот дел, а ката тимот извојува една победа од 3-2 над Перу и пораз од 1-4 од Италија.

Откако каратето стана дел од Олимписките игри во Токио 2020 и по бронзениот медал на Павлов на Европското првенство пораснаа и нашите амбиции.

Сепак, мора да се преиспитаат постапките за неуспехот на Светското првенство во Линц. Каде се згреши во концепцијата и кој е виновникот? Веќе подолго време се укажува на некои случувања, но ништо не се презема.

Живеењето на стара слава не носи резултати, како и што го покажува самото СП во Линц.

Се наметнуваат нови имиња од Данска, Бразил, Египет, Јапонија засилува се повеќе, Иран, Саудиска Арабија, Мароко, Малезија, Венецуела, Белорусија, САД, покрај стандардните Франција, Шпанија, Италија.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО