Голем дел од ММА фановите со нетрпение очекуваат вести зa следниот потег на Конор Мек Грегор и евентуален негов дуел со Еди Алаврез за титулата во лесна категорија на УФЦ 205 во Њујорк.
До таков натпревар сепак нема да дојде, барем не сега, имајќи во предвид дека од УФЦ најавија оти Ирецот се уште страда од повреда на ногата.
Сепак, од таборот на Конор ја демантираа оваа информација, велејќи дека тој е здрав и подготвен да се бори на УФЦ 205. Истовремено еден од предизвикувачите во лесна категорија, хабиб Нурмагомедов, побрза да објави дека веќе добил предлог да се бори против Алварез на УФЦ 205 .
Според материјал на Кевин Иол за Јаху спортс, претседателот на УФЦ, Дана Вајт, ја потврдил повредата на Мек Грегор, наведувајќи дека неговата желба е Ирецот да се сретне со привремениот шампион во перо категорија Хозе Алдо во обединувачки меч за титулите во дивизијата.
„Ногата на Конор е повредена, но тој мисли дека може да се бори. Сакам да се бори со Алдо“, изјавил Вајт.
Хозе Алдо не престанува да инсистира за нов дуел со Мек Грегор и тоа да биде шанса за реванш за тешкиот нокаут што го претрпе од него за само 13 секунди на УФЦ 194. Тогаш Алдо ја загуби титулата во перо категорија.