Чимаев му се закани на Стрикленд: Откако ќе го уништам Коста, доаѓам по тебе

Непоразениот Хамзат Чимаев последната борба ја имаше во септември минатата година кога со завршница во првата рунда го совлада Кевин Холанд.

Чимаев тогаш требаше да се бори со Нејт Дијаз, но тој не го помина мерењето, а борбите беа презакажани.

Со месеци се чекаше во која категорија Хамзат ќе ја продолжи кариерата, бидејќи очигледно има проблеми со слабеењето.

А Чимаев следната борба ќе ја има во средна категорија против Пауло Коста на УФЦ 294 во Абу Даби.

Ако ја продолжи својата победничка серија, Хамзат би можел да биде следниот предизвикувач на новиот шампион Шон Стрикленд.

„Сега е моето време. Ќе го победам Коста, а потоа не е важно дали следниот е Стрикленд, Изи или некој друг“, рече Хамзат Чимаев и му порача на шампионот:

„Откако ќе го уништам Коста, доаѓам по тебе“.

Пред нешто повеќе од две недели на настанот УФЦ 293 во Сиднеј, Шон Стрикленд со едногласна одлука го победи Израел Адесања и го освои шампионскиот појас во средна категорија.

„Тренира напорно и ја заслужува шампионската титула. Секогаш е во теретана и сега има појас. Има добар тим и одличен тренер. Бев во таа Екстрем Кутур сала и тренирав со него. Ја заслужи титулата“, истакна Хамзат Чимаев и подвлече:

„Стрикленд е активен и се бори против сите. Не знам што чека УФЦ. Го кријат тој појас наместо да ми дадат шанса. Кога ќе ги скршам сите, ќе мора да ми дадат и појас“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО