По реакциите на истакнатите карате стручањаци кои со освоите каратисти покажале дека ја знаат сржта на овој спорт освојувајќи многу медали за Македонија на Европските и Светските првенства, Мирче Јанушевски и Елвир Куртановиќ, уште едно големо име се надоврза на јавно искажаното незадоволства од усвојувањето на новиот Правилник за избор наградување и финансирање на репрезентативците во Карате федерацијата на Македонија (КФМ), од страна на Извршниот одбор, тоа е д-рБошко Заборски.
Тренерот на Макептрол ги лоцира главните конфликтни делови во системот на КФМ со свои објаснувања.
„На почеток сакам да потенцирам дека сега кога сме и официјално олимписки спорт и кога државата, преку Агенцијата за млади и спорт (АМС), сака да вложува и вложува финансиски средства; Македонскиот олимписки комитет (МОК) исто така најави помош, додека клубовите континуирано даваат секаков вид на поддршка, и затоа ние треба како никогаш досега да бидеме сплотени и да работиме заедно за остварувањето на иста цел, исполнување на олимписка норма или повеќе норми и освојување на медал од олимписките игри во Токио 2020 година.
Со донесувањето на новиот правилник, кој е донесен на 19 јуни, довербата помеѓу клубовите и тренерите е нарушена и моментално е на најниско ниво. Во Правилнкот, за жал, нема никакви подобрувања или иземање на делови кои се покажале како штетни во досегашната пракса. Напротив, во него дополнително се вметнати нови членови кои нема да донесат ништо добро за развој на каратето. Искуствата кои ги имаме до сега за предизвиканите штетни последици од лошите и нефункционални правилници се огромни. Најверојатно затоа се и многуте реакции од погодените клубови и тренери кои сега веќе и јавно се искажуваат и ако не дојде до одредени промени јазот на незадоволството ќе се продлабочува се додека не дојде до точка на ерупција, од која на крајот сите ќе имаме само штетни последици.
Не знам зошто во овие моменти се носи Правилник во кој се кажува дека секој репрезентативец сам треба да си ги плати своите настапи на критериумските турнири и на официјалните европски и светски првснства. Потоа, зошто некој посакува работата на најзаслужните клупските тренери постојано да се минимизира, и, како трето, зошто тренерите кои ги направиле спортистите да бидат најдобри, треба да ги предадат во рацете на своите конкуренти и противници – сега ,,тренери на репрезентациите“. Ова е предвидено со новиот Правилник.
Во едно интервју не можам да ја опфатам целокупната работа на федерацијата, затоа во моето елаборирање ќе се задржам само на еден сегмент – нефункционалноста на Правилникот за избор наградување и финансирање на репрезентацијата на Македонија“, вели Заборски.
За незадоволството од страна на клубовите и реномирани и докажани врвни спортисти во Македонија, Заборски ќе рече:
„Претседателот Драган Стојановски, на негова иницијатива пред година дена свика состанок и кажа дека од тој ден сите ќе бидеме сплотени единствени и насочени за остварување на една цел, достојно репрезентативно однесување и освојување на медали од најголемите европски и светски натпревари.
Се формираше ново тело Стручен совет, кој беше составен од тренери на сите клубови кои имаат репрезентативци. Претседателот Драган Стојановски кажа дека конечно согледал дека грешел, но тој што работи правел и грешки и потоа инсистираше веднаш на промени кои требаше што поскоро да се направат во правилниците, а тие промени беа воглавно во две фундаментални насоки:
-За постигнатите врвни спортски достигнувања да бидат наградувани вистинските тренери кои се и најзаслужни за постигнатите успеси на спортистите;
-селекторскиот тим кој ги предводи спортистите на европски и светски натпревари, да има ротирачка улога, односно стручниот тим да биде составен од тренери кои имаат најголем број на спортисти во репрезентациите. На почетокот искрено да кажам бев изненаден од еден ваков чин, но времето покажа дека ништо од тие ветувања не се оствари до ден-денешен.
Новиот Правилник се донесе едногласно се изгласа со консензус со ниеден глас против, но, за жал, тој никогаш не профункционира.
Во начинот на функционирањето на КФМ, ништо не се промени. Повторно истите луѓе ја предводат македонската репрезентација на сите европски и светски првенства. Секогаш исти функционери се на патувањата, само тие што навистина им се потребни на спортистите ги нема во експедицијата. Репрезентацијата секогаш ја предводеа тренери кои беа поразени на сите Државни првенства и критериумски интернационални турнири од тренерите кои сега се незадоволни и за прв пат реагираат јавно. Сето ова континуирано резултираше со незадоволство на тренерите кои ги тренирале своите спортисти. Секојдневно. Некогаш и по два и три пати во еден ден за 365 дена во текот на годината. Исто така, клубовите беа принудени по постоечките правилници да ги плаќаа трошкоците за сите подготовки (освен заврешните 2-3 дена), сите учества на Премиер лигите и критериумски натпревари за своите спортисти, односно се трошеа огромни суми на финансиски средства од клупските буџети за спортистите да изборат статус репрезентативец во некоја од селекциите, независно дали е тоа јуниорска или сениорска. Кога ќе дојдеше моментот да се оди на европско или светско првенство, повторно самофинансирање од страна на клубовите. И, на крај, кога тие спортисти ќе освојат европски или светски медал со резултатот најпрво се китеше КФМ, потоа за успехот парично се наградуваат оние тренери на репрезентацијата кои најмалку придонеле за успехот на спортистот, иако Законот го вели спротивното. Награден треба да биде тренерот кој највише допринел за постигнување на врвниот спортски успех (клупскиот тренер). Односот на поделените финансиски средства кои се даваат од Агенција за млади и спорт беа 20-80, во корист за тренерите на репрезентацијата, иако тие работеа со спортистите само два до три дена пред тргнување на натпреварите.
Меѓутоа, овде не се застанува со неправдите за постигнатото. На крајот на годината за најуспешни тренери и селектори во градовите и на државно ниво, повторно се кандидираат и конкурираат токму оние тренери кои имаат најмалку вложен труд за постигнувањето на успехот со спортистот или спортистите. Тоа значи дека имавме големо искривување на реалноста сите овие години.
Јавноста во Македонија добиваше една комплетно искривена слика за квалитетот пред се на тренерскиот состав и за квалитетот на клупските постигнувања и финансиски вложувања.
До сега имаше олеснување за спортистите во финансискиот дел, само ако спортист има освоено медал на Европско и Светско првенство, тогаш на тој спортист КФМ му ги рефундираше трошкоците за тоа првенство. И, ако не ја промени возрасната и тежинска категорија, го финансираше настапот на тој спортист за следното европско првенство. Сега и покрај најавените приходи од страна на државата од игри на среќа, лотарии и влегување на многу повеќе државни пари во федерациската каса, гледам дека не се случија промени во правилникот за финансиска подршка на репрезентативците, тренерите и клубовите“.
Во контекст на незадовоството Бошко Заборски открива и нови моменти, како што вели тој втор дел на незадоволството:
„Незадоволството во вториот дел на тренерите кои сега реагираат е пред се поради фактот што тие и до сега не можеа да бидат во близина на своите спортисти на големите натпревари, ако не се дел од официјалната репрезентација на Македонија и немаа уредна акредитација. А со новиот Правилник тие комплетно се изземени од тренажниот процес, што не е во ред. Кај тренерите има голем отпор на ваквата поставеност на работите. Ако вака се продолжи, КФМ ќе престане да биде најдобра федерација и спортистите ќе почнат да назадуваат. Предлогот на ротирачки систем на тренерите односно тренерите кои имаат свои репрезентативци да бидат со своите спортисти не заживеа никогаш. Дури и заложбите на МОК се во иста насока и за тоа имаат и свој Правилник кој вели „во боречките и поединечни спортисти врската мора да биде матичен клупски тренер-спортист“, сега не се прифаќа и се толкува на начин на кој се сака помалку успешните да ги раководат поуспешните“.
Праксата покажува дека на секое европско и светско првенство кога клупските тренери не се во близина на своите спортисти шансите за освојување на медал се помали, а сите го знаат тоа. И сега се поставува прашањето, ако секој спортски работник го знае тоа , зашто тогаш не се промени таквата 10 годишна пракса во КФМ?
„За крај може да се констатира дека сите досегашни резултатски достигнувања во КФМ (европски и светски медали), ги направија клупските тренери со своите спортисти кои ги тренираат од мали нозе, а некои и преку 25 години. Затоа најважен сегмент во КФМ, се клупските тренери. КФМ треба да остави простор тие да прифатат или да не прифатат решенија и програми кои до сега не биле пракса во нивната тренерска работа. И, секако, да остави простор за нивно активно вклучување во делот на соработка со другите селекции. Ако одреден клуб има свои спортисти кои се повикани на подготовки или треба да настапи на некое елитно натпреварување, тогаш и нивниот тренер задолжително треба да добие покана да оди заедно со спортистите. До сега ова не беше пракса на КФМ“.
Заборски укажува на примери за нелогични и нефункционални делови од постоечки правилници со кои се предизвикани штетни последици за спортистите:
„Во врска со додегашните правилници не сакам да се повторат ситуаците кога ние имавме врвни спортисти од највисок ранг, докажани и предокажани, а поради некои пропусти во донесените правилници им се забрануваше да настапуваат, иако Светската (ВКФ) и Европската карате федрација (ЕКФ) тоа не го забрануваше. Спортистите (Иво Цветковски, Симон Антиќ, Наташа Стефановска и др.) се многу оштетени во повеќе наврати. Имено, кога тие учествувале на медитерански, европски и светски првенства, односно биле земени за репрезентација да настапат во екипен дел, а поради некои нелогични одредби во Правилникот, им беше узурпирано правото да настапат и можеби да забележат и резултатски успех во поединечна конкуренција, иако тежинските категории беа празни. За овие работи никогаш никој не поднесе одговорност. Оштетувањата беа само за спортистите, клубот, тренерот и семејствата на спортистите. Клубот и тогаш платил финансии тие да учествуваат да бидат дел од екипата, а им била ускратена можноста за поединечен настап. Вакви нефункционални делови од правилниците, за кои праксата покажала дека на никого не му користат, треба под итно да се отфрлат.
Ова се некои поважни делови кои треба веднаш да се променат, иако има и други членови во Правилникот во кои се оства простор за голем субјективизам во давањето на предлозите до ИО на КФМ“.
Ipon.mk/В.Д.