Боречките спортови и РК Вардар ги собраа наградите на Град Скопје (ФОТО)

Стојанче Стоилов ја доби наградата за најдобар спортист, веднаш по него е европскиот шампион Дејан Георгиевски, a Петар Заборски за најдобар млад спортист, додека Раул Гонзалез е најдобриот тренер за 2017, а Вардар е најдобриот тим во изборот град Скопје и Сојузот на спортски федерации на Македонија.

Прогласувањето се одржа денеска во салата на Советот на Град Скопје, при што и беа доделени признанијата на најуспешните спортистки и спортисти, тренер и спортска екипа на Град Скопје за 2017 година.

Градот Скопје и Сојузот на спортски федерации на Македонија ги наградуваат најуспешните спортисти на Скопје за 2017 година, односно се избираат најуспешните 10 спортисти во сениорска категорија (жени и мажи), најуспешните 5 спортисти во младинска категорија (жени и мажи), најуспешен тренер, најуспешна спортска екипа од Скопје, најуспешен спортист/ка – странец кој настапува во екипа од Скопје и најуспешен спортист/ка во категоријата на лица со посебни потреби.

За најдобар спортист е прогласен капитенот на Вардар Стојанче Стоилов кој го крена пехарот од Лигата на шампионите. Второто место му припадна на теаквондистот Дејан Георгиевски кој го освои првото место на европското сениорско првенство во Бугарија. Трета е Сара Ристевска, ракометарката на Вардар која со својот тим дојде до финалето од Лигата на шампионите. Следуваат на четвртото место каратистката Сара Радичевска, петти е пливачот на далечински патеки Евгениј Поп Ацев, каратистот Ненад Келебиќ е седми, следуваат Берна Шерифовска (џудо), Енес Смајлагиќ (карате), Дрита Ислами (атлетика), Бобан Николов (фудбал).

За најдобар тренер е прогласен Раул Гонзалез, човекот кој е најзаслужен што Вардар стана европски шампион. За најуспешна екипа во 2017 наградата разбирливо ја доби машкиот ракометен клуб Вардар. Најуспешен спортист странец е голманот Арпад Штербик.

За најуспешен млад спортист е прогласен Петар Заборски од Карате клубот Макпетрол, тој освои бронзен медал на Европското првенство во Софија во У-21. Втор е ракометарот на Металург, Филип Кузмановски. Следуваат, Моника Пендаровска (карате), Елмедин Сејфулаху (борење), Хамза Јашари (џудо).

За најталентиран млад спортист – кадет е избран Аид Салихаси од боречкиот клуб Тефејуз.

Најуспешен спортист во категоријата на лица со посебни потреби е Андреј Стојаноски од пливачкиот клуб Бета, второ место е Флоренс Герет исто од ПК Бета.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО