„Се запоцна пред точно 4 години (се мисли на 26 декември-н.з.)…да, токму на денешен ден 2012 година, додека со Димитар Мите Ташков пиевме кафе и разговаравме на стандардната тема БОКС, се роди и идеата да формираме наш боксерски клуб. Идеата беше можеби преголем чекор за нас. Меѓутоа, водени од желбата и решителноста за успех падна договор да започнеме. И да, секако, отпрво бевме пример за потсмев, недораснати деца кои си прават филмови за во Холивуд.По само неколку дена ја објавивме идеава на ФБ и најавивме боксерска револуција…се роди Бокс клубот Пинк Пантер – Штип“, се присетува еден основачите на клубот кој ќе не претставува во Регионалната лига, Илија Младеновски!
Илија ќе рече дека се си било на место, идеа, визија…ама немало пари!
„За регистрација во Централен регистер ни требаа 6.500 денари, а двајцата заедно имавме 4.000! Но, сепак, решивме да правиме клуб. Се снајдовме и регистриравме правен субјект. Ни требаше и сала. Не чекавме никој! Не се потпиравме на државата, општината и градот, ја земавме работата во свои раце и започнавме. Сами бевме мајстори, сами чистевме, лепевме плочки, стававме гипс картони, менаџиравме и баравме спонзори со приказна дека ќе правиме боксерска револуција.
И еве не, четири години подоцна, Бокс клубот Пинк Пантер е боксерска институција. Успеа! Синоним за бокс во Македонија, синоним за успех и репер, квалитет бр.1 за боксерски клуб! Имаме најдобар спортски центар за бокс во Македонија. Освојуваме се што може да се освои и ја уриваме секоја пречка пред себе. Имаме стандардни репрезентативци, имаме свој авторски турнир „Јордан Мијалков“ кој е пример како треба да биде една боксерска манифестација. И, еве не, единствените од Македонија кои ги исполнија критериумите за учество и потпишавме договор за Регионалната боксерска лига-Супер лигата. Играме во високата лига.
А, таму сме затоа што имавме визија, имавме истрајност и пред се, упорност. Имавме многу убави, но и кризни моменти. Но, имавме единствена цел. Имавме и се уште имаме идеологија – Боксерски клуб Пинк Пантер е името на нашата идеологија“, истакнува Младеновски!
Ipon.mk/В.Д.