БК Вардар: Стоп за насилниците и хулиганите на спортските терени

Боречкиот клуб Вардар од Скопје им се извинува на љубителите на спортот и борењето за немилиот инцидент на Меѓународниот турнир „8 Септември“, на 12 септември во наслебата Бутел (Радишани) во Скопје. Тогаш борачот на БК Бучим, Арон Николов беше избоден во ногата од неколку борачи од скопски клубови на трибината на салата.

„Најостро го осудуваме хулиганскиот чин на некои борачи од одредени клубови, но истовремено да ја преземеме и одговорноста како организатори на турнирот, а и да се дознае и вистината. На турнирот беа поканети сите клубови што се регистрирани во Федерацијата, а имавме и гости од повеќе клубови од Косово и Србија, вкупно околу 145 борачи во сите категории“, велат од Вардар во обраќањето и додаваат:

„Самиот настан беше пријавен во институциите. Имаше медицинска екипа, но и обезбедување со лиценцирани обезбедувачи. Наместо да биде празник за БК Вардар, кој прославуваше 60-годишнина. Турнирот беше организиран со сите здравствени и безбедносни препораки од институциите.

Од Вардар потенцираат како течел турнирот.

„Самиот турнир помина во многу квалитетни и фер борби. Судиите многу добро и коректно ги водеа борбите. Но, по завршувањето на борбите, кога почна прогласувањето на победниците и најуспешните борачи, на трибината настана голем инцидент помеѓу некои борачи од одредени клубови, што за голема жал, беше употребено и ладно оружје беше повреден со три убоди еден борач, а имаше и други повредени.

БК Вардар бара најостро да се осудат и казнат сторителите но и нивните клубови. Хулиганството мора да биде казнето и искоренето од борилиштата и спортските терени, што, за жал, ова не е прв пат. Постојано едни исти клубови се учесници во немилите настани“, нагласуваат од Вардар со порака:

„СТОП ЗА НАСИЛНИЦИТЕ И ХУЛИГАНИТЕ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ“.

Да потсетиме дека по убодите Николов е пренесен во Болница и шиен.

„На 12.09.2021 во 23.30 часот во СВР Скопје, В.С.(38) од Радовиш пријавил дека околу 16.00 часот во спортска сала во населба Радишани во Скопје, по претходно нарушен јавен ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе малолетници, неговиот малолетен внук бил физички нападнат од неколу лица, при што еден од нив му нанел повреда со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, наведуваше во дневниот билтен на МВР.

Еден од учесниците во инцидентот беше приведен.

Доживотна суспензија за напаѓачот, како и казна за борачкиот клуб „Лирија“, побара радовишкиот Борачки клуб Бучим-Радовиш, откако на 12 септември нивниот млад борач Арон Николов беше прободен три пати со нож во ногата, од борач – врсник од ривалскиот клуб „Лирија“.

Претседателот на клубот „Бучим“ Владо Лазаров за Канал 5 раскажа за немилиот настан кој според него можел да биде кобен за младиот спортист и македонски репрезентативец.

Управниот одбор на „Бучим“, освен одговорност од организаторите како и соодветна реакција од Федарацијата, најавија дека ќе поднесат и приватни кривични пријави против напаѓачот. Според Лазаров недозволиво е на спортски натпревари да се случуваат вакви инциденти и случајот не треба да биде занемарен.

Случајот бил пријавен во полиција. Напаѓачот бил веднаш приведен, а во текот на минатата недела приведени за сослушување биле уште тројца малолетници и еден возрасен човек. Од МВР тогаш велеа дека се уште се работи на случајот, има индиции дека во инцидентот учествувале и повеќе лица. Оттаму најавија кривична пријава за сторителите за насилство.

15-годишниот спортист Арон Николов кој бил избоден е на домашно лекување и се уште заздравува од нападот, но е во добра состојба.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО