Арум: Усик сака 50-50 за да се бори со Фјури, тоа не е во ред ако боксираат на Вембли

Промотерите Боб Арум и Френк Ворен ја чекаат понудата од Саудиска Арабија, која сака да биде домаќин на двајца врвни тешкаши во борбата за обединување на титулите, а сите се надеваат дека мечот меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик ќе се случи оваа пролет.

Но, доколку понудата не биде прифатлива, Арум рече дека имаат резервен план, да ја донесат борбата на Вембли.

Минатата година на тој стадион во Лондон пред 94.000 навивачи Фјури во шестата рунда го нокаутира Дилиен Вајт и го одбрани шампионскиот појас на ВБЦ. Очигледно и Усик е подготвен да се бори на Вембли против Фјури.

Украинскиот боксер го победи Ентони Џошуа во септември 2021 година на стадионот на Тотенхем и ги освои појасите на ИБФ, ИБО, ВБА и ВБО, а минатата година ги одбрани на реваншот во Џеда.

„Доколку понудата на Саудиска Арабија е реална, сите се согласивме да ја прифатиме“, изјави промоторот на Фјури, Боб Арум и додаде:

„Ако не, боксерскиот меч меѓу Фјури и Усик ќе биде на Вембли“.

Борбата меѓу Фјури (33-0-1, 24 КО) и Усик (20-0, 13 КО) ќе го даде апсолутниот шампион во тешка категорија.

„Борците се согласија да се борат. Разговарав со Френк Ворен и им даваме рок до крајот на неделата за нивната понуда. Верувам дека ќе дојде, а ако не, тогаш ќе се бориме на Вембли. И тогаш ќе треба да зборуваме за поделба на хонорарите, Усик сака 50-50. Ова не е во ред ако борбата е на Вембли, бидејќи ќе има 95.000 Британци и многу британски пари од „ППГ“’, па Тајсон го заслужува лавовскиот дел од заработката“, рече Боб Арум и заклучи:

„Но, нема да стигнеме до таму доколку се вклучат инвеститори од Саудиска Арабија, бидејќи начинот на кој тие работат е да склучуваат договори со секој од борците. Не наведоа да веруваме дека за една недела ќе излезат со предлог. И ќе верувам дури кога ќе ја видам нивната понуда“.

Саудиските инвеститори платија голема сума минатата година за да го донесат реваншот меѓу Усик и Џошуа во нивната земја. Тие го олеснија тој договор со Еди Херн од Мечрум бокс, чија компанија го промовира Еј Џеј.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО