Арум тврди: Ако победат Фјури и Џошуа, ќе го организираме нивниот меч

Откако на Дионтеј Вајлдер му беше дадено правото по судска наредба да бара реванш борба против Кралот на Ромите, веднаш се навести дека мечот за обединување на титулите меѓу Тајсон Фјури и Ентони Џошуа ќе биде откажан. Дуелот меѓу шампионот на ВБЦ, Фјури и Џошуа, сопственик на титулите ВБА, ИБФ и ВБО, требаше да се одржи на 14 август во Саудиска Арабија.

Во меѓувреме, Бронзениот бомбардер и Кралот на Ромите договорија средба за 24 јули во Лас Вегас, додека Џошуа ќе ги брани појасите на 25 септември против Александар Усик на стадионот во Тотенхем во Лондон.

Еден од промоторите на Фјури, Боб Арум неодамна изјави дека сè уште постои желба за борба што ќе даде апсолутен светски шампион, но нешто мора да се совпадне.

„Таа борба треба да се одржи ако победат Фјури и Џошуа. Доколку се сопре пандемијата и добиеме можност да организираме спектакл на Вембли или на некој друг стадион напролет, тогаш би можеле да го организираме нивниот меч. Но, овој настан може да се одржи и во текот на зимата, а потоа може да биде во затворен стадион во Кардиф кој може да прими 70.000 луѓе“, рече Боб Арум.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО