Андреа Нисева не ги криеше своите емоции по освојувањето на сребрениот медал на Европското првенство во борење до 17 години во Самоков. Нисева заврши како втора во категоријата до 61 кг, откако загуби во финалето од Турчинката Озденур Озмез.
И покрај сребреното одличје, младата спортистка призна дека нејзините амбиции се фокусирани на титулата.
„Среќна сум што освоив медал, но ќе бев посреќна ако беше златен. Знам дека можам да направам повеќе“, рече Нисева за бугарските медиуми.
Таа откри дека притисокот и емоциите одиграле клучна улога во решавачкиот меч.
„Во финалето, моите емоции влијаеја на мене и направив грешка. Инаку, мојот најтежок натпревар не беше финалето, туку мечот против Белорусинката во претходна фаза од турнирот“, истакна Андреа.
Нисева гледа кон иднината со доверба и го прифаќа шампионатот како важен чекор во нејзиниот развој.
„Стекнувам искуство и гледам напред. Како и секој спортист, сонувам еден ден да стигнам до олимпиското злато“, рече таа.
Натпреварувачката од клубот „Димитар Кумчев“ во Асеновград и БК Олимија од Штип тренира борење од 2022 година. Спортот е дел од семејната средина, бидејќи нејзините помлади сестри – 14-годишната Марија и 10-годишната Ивана – исто така се борат и беа меѓу нејзините најемотивни поддржувачи во салата.
„Благодарна сум за поддршката од моето семејство, тренерите од националниот тим, клубот, моите соиграчи и публиката“, додаде Нисева.
Ќе потсетиме дека Нисева е од Штип, каде што живее и учи, а поради недоразбирањата на матичниот клуб Олимпија со Федерацијата за борење на Македонија и неможноста да настапува на домашните натпреварувања и репрезентацијата на Македонија, одбра напредокот во карирерата да го гради со репрезентацијата на Бугарија.
Фото: Фејсбук Андреа Нисева



