АМС и МОК со меѓусебни обвинувања, а Антиукорупциска била тендециозна

Агенцијата за млади и спорт (АМС) како целосно неточни и тенденциозни ги отфрла обвинувањата од  Антикорупциска поврзани со даночното ослободување на спортските субјекти, преку т.н. „ваучерски систем“.

Велат дека одлуките за доделување на ваучерите не ги носеле тие, како што тврди Антикорупциска, туку Советот за спорт по претходно разгледување на апликациите од Централната комисија за доделување на спортски ваучери, чии членови, пак ги предлагала Владата.

„Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања. Тука, пред се, укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК, Даниел Димевски. Токму Димевски е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери“.

На соопштението на Агенцијата за млади си спорт експресно реагираше првиот човек на МОК, Димевски.

„За жал практицирањето на системот е сведен на проста најчесто коруптивна распределба на средства од страна на еден човек со име Наумче Мојсовски. Сите контролни механизми кои ги има интегрелното решение на ваучер системот свесно од страна на директорот се ставени вон функција со што истиот е комплетно деградиран. Комисијата која треба да предлага е нем извршувач на неговите налози, а Советот, кој патем тој го предлага, е аминувач на истите“.

Меѓусебните обвинувања меѓу Агенцијата за спорт и Македонскиот олимписки комитет доаѓаат по сомнежите кои во петокот ги изнесоа Антикорупционерите – дека изминатите три години неправилно се распределувале средствата за спортските ваучери и не стигнувале до правите спортисти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО