АИБА верува дека боксот ќе биде на Олимписките игри во Париз 2024 година

Претседателот на Меѓународната боксерска федерација (АИБА) Умар Кремлев е уверен дека организацијата ќе го поврати статусот на признавање од Меѓународниот олимписки комитет по реформите и ќе учествува во организирање боксерски турнир на Олимписките игри во Париз во 2024 година. МОК му го одзеде статусот на АИБА во мај 2019 година и го отстрани од Олимпискиот боксерски турнир во Токио, барајќи суштински реформи во федерацијата.

„МОК донесе одлука, но ако станеме една од најдобрите федерации, тогаш не гледам причина да бидеме исклучени од игрите во Париз“, соопшти Кремлев.

„Сакаме да ставиме крај на минатото и да гледаме на иднината. Мојата доверба се заснова на она што го работиме. Дејствуваме и имаме што да му покажеме на светот. Ќе бидат потребни уште шест месеци за да се решат финансиските проблеми. Второто прашање, реформата на управувањето, веќе е во тек и ќе заврши наскоро“, додаде тој.

На прес-конференција во Лозана, АИБА исто така објави дека професорот Улрих Хас, кој сега ја води реформата на управувањето со Светската антидопинг агенција, ќе го предводи независниот тим за реформа на управувањето на АИБА. Групата ќе ја проучи моменталната структура на управување на федерацијата, ќе ја спореди со најдобрите светски практики и ќе даде специфични препораки. Покрај тоа, АИБА завршува преговори со една од водечките ревизорски куќи за да спроведе независна целосна ревизија на финансиите на организацијата.

АИБА најави започнување на независна истрага за корупција и организација на местење на натпревари за време на Олимпискиот турнир во бокс во Рио де Жанеиро 2016 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО