АИБА ќе доделува парични награди и на Светското првенство за жени

Меѓународната боксерска федерација (АИБА) ќе им додели парични награди и на медалистите на Светското првенство во бокс за жени. За одржување Светското првенство  избран Истанбул во Турција, а шампионатот ќе се одржи на почетокот на декември оваа година.

АИБА објави дека со цел да ја докажат еднаквоста меѓу половите, на дамите ќе им ги дадат истите бонуси колку што беа најавени за мажите. Така, за првото место ќе бидат доделени 100 илјади американски долари, за второто – 50 илјади, а двата бронзени медали во секоја категорија ќе соберат по 25 000. Вкупниот награден фонд е 2,6 милиони американски долари.

„Родовата еднаквост е една од нашите главни цели во боксот. Среќен сум што можам да потврдам дека паричните награди за освојувачите на медали ќе бидат потполно исти како и за Светското првенство за мажи. За првпат во 75-годишната историја на АИБА, освојувачите на медали ќе бидат наградени со значителни парични награди од седиштето“, рече Умар Кремлев, претседателот на АИБА.

Тој, заедно со други официјални претставници од меѓународната федерација, ги прегледа спортските места во Истанбул за да ги следи можностите за одржување на Светското првенство. Потоа беше потпишан договор со Турската боксерска федерација.

За време на Светското првенство во Турција ќе се одржи вонреден Конгрес на АИБА и ќе бидат објавени големи реформи во организацијата. Многу високи директори, боксери и шампиони од минатото се очекува да ја посетат Турција.

Светското првенство за мажи на АИБА ќе се одржи во Србија, Белград, од 24 октомври до 6 ноември.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО