Абе доби поддршка од Г7 за Олимписките игри

Јапонскиот премиер Шинзо Абе објави дека групата од седум водечки економии во Г7 го поддржува целосното спроведување на Олимпијадата, но го избегна прашањето за евентуално одложување на Игрите поради пандемијата на коронавирус.

„Ние даваме се од себе да се подготвиме за Олимпијадата и сакаме да ги имаме во целост. Ова ќе биде доказ дека човештвото може да го победи новиот коронавирус“, соопштил Абе на другите водачи на Г7 за време на видео конференцијата.

Лидерите ја поддржале идејата за време на видеоконференцијата синоќа, која не се случила претходно во историјата. Вирусот зафати скоро 180.000 луѓе и досега однесе над 7.000 животи.

Абе ја коментираше ситуацијата, откако шефот на францускиот олимписки комитет, Денис Маселија рече дека Олимпијадата нема да може да започне на 24 јули, како што беше планирано, доколку пандемијата на коронавирус не го достигнеше својот врв до крајот на мај.

„Чувствувам дека ако се уште сме во криза кон крајот на мај, не гледам како навреме ќе започне Олимпијадата. Ако ја поминавме високата точка и ситуацијата се подобрува, ќе се појават прашања за тоа кој се квалификувал за Игрите, но ќе најдеме колку што е можно „поприфатливо решение“, рече Маселија.

Меѓународниот олимписки комитет, кој досега ја поддржува намерата на Јапонија да се одржи Олимпијадата по распоред, утре ќе одржи разговори со меѓународните спортски федерации и со националните олимписки комитети.

Некои жители на Токио веќе изразија загриженост поради можноста голем број на луѓе кои пристигнуваат во земјата да ја следат Олимпијадата.

„Да бидам искрен, дури и ако Јапонија може да се справи со кризата, не би сакале да дојдат посетители од целиот свет. Мислам дека е подобро да ги одложиме Игрите. Не можеме да го жртвуваме животот на луѓето заради Олимпијадата“, рече Коки Миура, вработен во Интернет-компанија, пред АФП.

Мислењето на Јапонците се повеќе оди до неподготвеност Олимпијадата да се одржи на закажаните датуми. Проучување на националната телевизија „НХК“, направено помеѓу 6 и 9 март, покажува дека 45% од анкетираните се против, а 40% се за идејата дека тогаш треба да се одржат Олимписките игри.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО