
По освојувањето на сребрениот медал на Европското првенство во борење до 17 години на Андреа Нисева се огласи нејзиниот тренер и прв човек на БК Олимпија од Штип, Методи Сичков.

„Андреа Нисева уште еднаш покажа дека припаѓа во европскиот врв. Сребрениот медал од Европското првенство до 17 години во Самоков е голем резултат, но уште поважно е тоа што ова е доказ дека таа постојано напредува и се приближува до највисокото скалило. По претходните две бронзи, ова сребро е јасен показател дека патот е правилен. Со дисциплина, континуирана работа и вистински пристап, верувам дека Андреа има капацитет да оди уште подалеку. Пред нас е Светското првенство во Баку, Азербејџан, од 27 јули до 2 август, а од следната година ја очекуваат нови предизвици во јуниорска и сениорска конкуренција. Крајната цел останува иста, олимписка норма и медал од Олимписките игри“, изјави тренерот Методи Сичков.

Вицешампионката Андреа Нисева за Ипон.мк рече::
„Сребрениот медал е голем резултат, но за мене ова е само уште еден чекор кон тоа што навистина го сакам. Секоја борба ми покажува каде сум, што треба да подобрам и колку уште можам да напредувам. Не застанувам овде затоа што ова ми дава уште поголема мотивација да работам посилно и да се подготвам уште подобро за следните предизвици. Благодарна сум на моите тренери, мојот клуб, семејството и сите што веруваат во мене. Следна цел е Светското првенство во Баку, каде ќе влезам со уште поголема желба да покажам дека можам повеќе“.
Андреа Нисева освои сребрен медал на Европското првенство во борење



