
По повеќе од десет години пауза, ММА борбите повторно се враќаат во Македонија, и тоа на голема врата. На 14 септември, во арената „Јане Сандански“, љубителите на боречките спортови ќе имаат прилика да уживаат во вистински спортски спектакл со учество на врвни домашни и странски борци.
Македонија ќе ја претставуваат неколку познати имиња од ММА сцената, меѓу кои се и европските шампиони Даниела Алексовска и Марко Трајановски, како и Никола Димовски и Костадин Георгиевски. Алексовска ќе се соочи со Адила Флочеа од Молдавија, Трајановски ќе влезе во кафезот против Црногорецот Петар Кликовац, Димовски ќе се бори со Германецот Лучијан Вилчу, додека Георгиевски ќе има пресметка со Раде Новаковиќ од Србија.
Главната борба на вечерта ќе биде помеѓу Никола Градинац и Грузиецот Гиорги Квелидѕе. Градинац влегува во борбата како замена за Јован Лека, кој неодамна потпиша договор со УФЦ.
Организаторите веќе ги објавија и цените на билетите за настанот, кои се движат од 400 до 10.000 денари. ВИП-билетите, кои се најблиску до кафезот, вклучуваат ексклузивна услуга, храна и пијалоци.
Армада 14 – Скопје:
Даниела Алексовска – Адила Флочеа (Молдавија)
Марко Трајановски – Петар Кликовац (Црна Гора)
Никола Димовски – Лучијан Вилчу (Германија)
Костадин Георгиевски – Раде Новаковиќ (Србија)
Борба на вечерта
Никола Градинац (Србија) – Гиорги Квелидѕе ( Грузија)



