„Толку многу ми влезе под кожа, дури ни Мајк Тајсон не успеа да го направи тоа. Размислував едноставно да се откажам од борбата“

Ривалството меѓу Ленокс Луис и Ивандер Холифилд е врежано во историјата на тешката категорија, но дури сега излегуваат на виделина деталите за тоа како Британецот знаел како да му го изнервира противникот. Во пресрет на нивната прва борба во 1999 година во иконскиот „Медисон сквер гарден“, Луис успеа да го изненади Холифилд со низа провокации до тој степен што Американецот сериозно размислуваше едноставно да го напушти рингот за време на борбата.
Холифилд, познат по своето смирено однесување, ги игнорираше вообичаените забелешки за неговата возраст и физичка инфериорност. Но, кога Луис го обвини дека е лицемерен христијанин затоа што имал деца надвор од брак, границата беше премината. – Ленокс е единствениот човек кој успеал да ми се протне под кожа – призна Холифилд за BoxNation. – Тој кажа работи што беа лични. Ми рече: „Како можеш да се наречеш христијанин кога имаш деца надвор од брак“? Тоа ме погоди затоа што таквите удари не се вообичаени“.
Под притисок, Холифилд го изгуби фокусот. Тој им вети на новинарите нокаут во третата рунда, а кога не го стори тоа, неговата енергија се намали. „Се обидов да го завршам во третата. Не можев и сè излезе од мене“, се присети тој.
Шокантно е признание дека во еден момент беше на работ да се откаже. Ова е борец кој само две години претходно го продолжи мечот против Мајк Тајсон откако му откина парче од увото. „Бев подготвен да се откажам, но мојот син беше во публиката. Не сакав никој да му каже: „Ќе бидеш како твојот татко, кога ќе дојде притисокот, тој се откажува“. Само поради него останав во рингот“, рече Холифилд.
На крајот, тој издржа 12 рунди и успеа да извлече контроверзно реми во меч кој предизвика бројни контроверзии и обвинувања против судиите. Осум месеци подоцна, следеше реванш, а овој пат Луис беше подоминантен, боксираше исклучително добро и заслужено победи со едногласна одлука, обезбедувајќи го статусот на апсолутен светски шампион.



