
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денес приреди прием на младиот боксер Иса Бајрам, кој на Европското кадетско првенство во бокс во Златибор, Србија, освои бронзен медал.
Овој медал претставува најголем историски успех за Штип во оваа спортска дисциплина во кадетска конкуренција, а истиот е резултат на посветената работа на тренерот Петар Чурлиновски, целиот тим на БК Пинк пантер и исклучителниот талент на Иса Бајрам.
Градоначалникот Јорданов изрази голема поддршка и упати искрени честитки за постигнатиот успех, нагласувајќи дека Општина Штип секогаш ќе стои зад ваквите спортски резултати и ќе ги поддржува младите таленти кои го носат името на Штип со гордост и достоинство.
„Ова е само почеток за Иса и неговата кариера. Општина Штип ќе биде постојан поддржувач на сите кои вложуваат труд, посветеност и постигнуваат значајни резултати со кои го претставуваат нашиот град на меѓународната сцена. Ваквите успеси се силна мотивација и инспирација за новите генерации кои сонуваат за спортски врвови,“ истакна градоначалникот Јорданов.




