Еди Хeрн: Враќањето на Пакијао е тажно и е потсмев на светската титула

Враќањето на легендата Мани Пакијао на професионалниот ринг на 46-годишна возраст предизвика сериозни сомнежи и критики од водечките личности во светот на боксот. Еден од нив е британскиот промотор Еди Херн, кој го доведе во прашање и значењето на самата борба и постапките на Светскиот боксерски совет (ВБЦ).
„Не можете да си одите пет години, да имате неколку егзибициски борби, да изгледате ужасно, а потоа да се јавите во ВБЦ и да побарате да бидете вклучени во рангирањето“, изјави Херн за Фајт хип. „Разбирам дека е бизнис, но ми се чини како исмејување на светската титула“.
Иако ВБЦ подоцна го отстрани Пакијао од ранг-листата, признавајќи дека ги прекршила сопствените правила, филипинската икона сепак ќе се соочи со шампионот Марио Бариос на 19 јули во Лас Вегас за титулата во велтер категорија.
„Бариос не е најдобриот шампион во светот, но мислам дека ќе биде подобар отколку што беше во неговата последна борба и ќе го победи Пакијао доста удобно“, додаде Херн. „Ќе видиме остарена легенда во рингот, а тоа ќе биде тажно. Нека му е со среќа, но не мислам дека има шанси. Бариос едноставно ќе биде премногу млад и премногу силен за него“.



