Светот на боречките спортовуи завчера беше потресен од веста дека поранешниот шампион во тешка категорија на УФЦ, Френсис Нгану, наводно бил вмешан во сообраќајна несреќа во Камерун, во која загинала малолетна девојка. Иако засега нема официјална потврда, а 38-годишниот тешкаш не дал јавно коментар, камерунските медиуми денес донесоа голем број нови информации и детали за несреќниот настан.
Според „Камера“, 17-годишната Нцама Брижит Мануела се враќала од патување со пријатели кога била удрена од мотоцикл управуван од Нгану. Камерунскиот нокаутер, според истиот извор, останал на местото на несреќата и направил сè што можел за да ѝ помогне на повредената тинејџерка. Тој повикал брза помош, контактирал со семејството и ги презел сите медицински трошоци, надевајќи се дека лекарите ќе можат да го спасат животот на младата девојка.
„АктуКамерун“ исто така пишува дека Нцама Брижит Мануела била пренесена во Општата болница Јаунде, каде што починала за време на операцијата. Трагедијата, според овој извор, се случила на Велигден, во округот Омниспортс во Јаунде, политичката престолнина на Камерун.
Во моментов е во тек полициска истрага за откривање на сите околности и причини за оваа трагедија, како и за утврдување на индивидуалната одговорност. Како што е споменато во воведот, Нгану сè уште не дал коментар за овој ужасен настан и може да се претпостави дека тој моментално поминува низ исклучително тешки времиња, како и семејството на починатото девојче.
Да потсетиме, камерунскиот нокаутер пред една го загуби 15-месечниот син Коби, по што некако успеа да се врати во кафезот (и доминантно да го победи Ренан Фереира), меѓутоа, следеше нов исклучително тежок удар врз неговата психа, односно врз животите на сите што на кој било начин беа вклучени во овој трагичен настан.