Дмитри Бивол ја ослободи титулата на ВБЦ во полутешка категорија, Дејвид Бенавидез прогласен за светски шампион

Дмитри Бивол повеќе не е неприкосновен светски шампион во полутешка категорија. Русинот ја ослободи титулата во ВБЦ ден пред закажаната тендерска процедура за задолжителна борба против привремениот носител на појасот, Дејвид Бенавидез.

Веста ја потврди претседателот на ВБЦ Маурицио Сулејман на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), кој исто така објави дека Бенавидез сега е целосен светски шампион на организацијата.

„Само што добив ладно и безлично известување од адвокатот на Дмитри Бивол, Патрик Инглиш, со толку апсурдни аргументи што нема ни да ги коментирам. Во писмото е наведено дека Бивол ја напушта титулата. Му посакуваме добро и потврдуваме дека Дејвид Бенавидез е новиот светски шампион на ВБЦ во полутешка категорија”, напиша Сулејман.

Наместо да се соочи со Бенавидез, Бивол ќе бара да ја заврши трилогијата со Артур Бетербиев.

Сепак, ВБЦ инсистираше на задолжителна одбрана на титулата пред можната трилогија, што го принуди Бивол да се откаже од појасот.

Во писмото до организацијата, адвокатот на Бивол објаснува:

„Сите во боксот знаат за договорот за трета борба со Бетербиев… Покрај тоа, разочарани сме од неможноста на рејтинг организациите да се придржуваат до системот на ротација воспоставен одамна. ИБФ ги има сите причини да биде водечка организација во следната борба на Бивол“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON