„Го одработувам уште ова и готов сум, нема повеќе да се борам!“: Александар Усик откри кога ќе ја заврши кариерата!

Ако сакаме да ги рангираме најдобрите светски боксери во 21 век, Александар Усик ќе треба да биде на врвот на тоа рангирање. Маестралниот Украинец најпрво ја „запали и изгоре“ аматерската боксерска сцена. Европско злато во 2008 година, светско злато во 2011 година и олимписко злато во 2012 година како круна на аматерската боксерска кариера. Усик додаде уште неколку медали од големите натпреварувања, но ова се неговите најголеми достигнувања. Аматерската кариера ја заврши со 335 победи и само 15 порази.

Своето професионално деби го имаше во 2013 година и му требаа нешто помалку од три години да ја освои првата светска титула како професионален боксер. Во септември 2016 година Усик го победи Кшиштоф Гловацки и ја освои светската титула на ВБО во полутешка категорија. Во 2018 година успеа да ги обедини сите четири главни светски појаси, а во 2019 година се искачи во тешка категорија.

Многумина беа скептични кога го направи тоа. Се веруваше дека тој е премногу мал и ќе ја загрози својата репутација со бокс со многу поголеми момци. Сепак, Усик успеа да доминира и во „кралската категорија“. Седум настапи, седум победи и обединување на сите четири светски титули. Усик е еден од тројцата машки боксери кои успеале да обединат четири појаси во две различни тежински категории. Наоја Инуе и Теренс Крафорд се другите двајца во таа избрано друштво. Усик двапати ги победи и Ентони Џошуа и Тајсон Фјури. Неговите преостанати три победи во тешка категорија дојдоа во нокаут мечевите против Чаз Витерспун, Дерек Чисора и Даниел Дубоа. Постојано е во тешки борби, но останува непоразен.

Во моментов, Усик ги има светските титули на ВБА, ВБЦ и ВБО, а многумина се љубопитни за тоа што е следно во неговата кариера. Се шпекулираше дека би можел да се повлече по реваншот со Фјури, а се зборуваше и за враќање во полутепка категорија каде повторно ќе се обиде да ги обедини титулите. Неговата кариера не е завршена, но нема да го гледаме уште долго. Говорејќи за Скај спорт, Усик ги откри своите планови за понатаму.

„Ќе се борам со победникот од мечот меѓу Дубоа и (Џозеф) Паркер, нема проблем. Мислам дека ќе се подготвам за уште две борби пред да ја завршам кариерата. Не повеќе од тоа, само две“, рече Усик.

Така, Усик првенствено се радува на 22-ри февруари кога Паркер и Дубоа ќе ги вкрстат ракавиците за титулата на ИБФ која моментално ја држи Дубоа. Победникот од тој меч ќе добие шанса да боксира против Усик, а Украинецот после тоа планира да се бори само уште еден меч. Не е исклучено да се пензионира на крајот на оваа година, но можеби сето тоа ќе биде одложено и последниот настап ќе дојде во 2026 година. Во секој случај, кариерата на 38-годишниот великан е при крај, а доколку забележи две победи во последните два настапи, ќе се повлече со резултат 25-0.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО