Артур Бетербиев во пресрет на реваншот: Бивол и јас одработивме добар, но не и тесен меч

Девет дена нè делат од големиот боксерски реванш, еден од најочекуваните оваа година. Артур Бетербиев и Дмитри Бивол повторно ќе се борат за сите четири светски титули во полутешка категорија.

Првиот меч го имаа на 12-ти октомври минатата година и после таа борба се крена голема прашина. По цели 12 рунди се чекаше судиската одлука и впечатокот во јавноста беше наклонет кон победа на Бивол. Сепак, Бетербиев победи со мнозинска одлука (114-114, 115-113, 116-112), што наиде на многу критики од навивачите.

Се споменуваше и дека присуството на Рамзан Кадиров имало влијание врз крајниот исход на мечот, особено откако тој влегол во рингот и се прегрнал со Бетербиев. Јасно беше дека реваншот е повеќе од потребен и Турки Алалших не се двоумеше предолго. Тој ги спои двајцата најдобри полутешкаши, го одреди датумот за реваншот, а јавноста со нетрпение ја очекува борбата.

Многу важен меч за двајцата. Дмитри Бивол до првиот меч беше непоразен, а доколку доживее втор последователен пораз, никој нема ни да зборува за потенцијално „украден“ на првиот меч. Бетербиев ќе докаже дека е едноставно подобар и приказната ќе заврши. Од друга страна, Артур Бетербиев се уште е непоразен, но очигледно има некои дамки на првата победа над Бивол. Артур ќе се обиде да ги испере со поубедлива победа, но интересно е што смета дека немало неизвесност ниту на првиот меч.

„Беше добра борба, но не беше тесна“, изјави Бетербиев за Скај спорт.

Можеби се залажува, или можеби едноставно се обидува да му влезе под кожа на противникот. Во секој случај, реваншот ќе даде одговори на бројни прашања, а нам ни останува само уште малку да бидеме трпеливи и да чекаме нова пресметка на двајца фантастични боксери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON