Легендарната борба „Татнеж во џунглата“, во која Мухамед Али го победи Џорџ Форман со нокаут во осмата рунда, се одржа на 30 октомври 1974 година во Киншаса.
Главниот град на Демократска Република Конго би можел да биде домаќин на уште еден голем боксерски настан 51 година подоцна, имено пресметка меѓу Мартин Баколе и Ентони Џошуа.
Имено, тренерот на Баколе, Били Нелсон изјави дека борбата ќе биде „апсолутно феноменален меч за африканскиот континент“, а промоторот Бен Шалом отиде чекор понатаму и за Ток спорт изјави дека борбата е „завршена работа“.
„Слушам дека го потпишал. Одиме во Конго“, рече Бен Шалом.
Но, прво Баколе треба да ја надмине следната пречка во мај, борбата со Ефе Ајагба во последниот елиминатор за титулата на ИБФ во тешка категорија.
Доколку Мартин повторно биде успешен, тогаш би можел дури и да се реализира планот што луѓето од неговиот тим деновиве го поставуваа – меч меѓу Еј Џеј и Баколе во џунглата.
Конгоанецот веќе некое време го прозива Џошуа, кој се надеваше на меч против Фјури, но Џипси Кинг најави повлекување од боксот на почетокот на јануари.
Баколе вели дека „ладнокрвно ќе го нокаутира Џошуа“ доколку добие шанса да се бори со него.
И поранешниот двократен светски шампион се повлече од очите на јавноста по тешкиот пораз од Даниел Дубоа. Враќањето на Еј Џеј во рингот беше најавено некаде во текот на летото.