Најдобрата светска боксерка Клареса Шилдс испиша историја. Непоразената американска боксерка ја победи сонародничката Даниела Перкинс со едногласна одлука на настанот во нејзиниот роден град Флинт, Мичиген, за обединување на титулите во тешка категорија.
Со овој успех Клареса Шилдс стана апсолутна шампионка во три различни тежински категории, таа претходно успеа да ги обедини титулите на ВБА, ВБЦ, ИБФ и ВБО во средната и супер полутешка категорија.
Во новиот предизвик, Клареса ја надмудри Даниела, еднаш ја собори и на крајот извојува убедлива победа на поени – 100-89, 99-90, 97-92. Тоа беше нејзина 16-та победа во кариерата.
„Даниела е силна и претставува проблем за секој противник. Но, моето искуство и моите вештини беа доволни за да ја победам“, изјави Клареса Шилдс по мечот.
Успехот на Клареса Шилдс е уникатен и ниедна боксерка, па дури и машки боксер, никогаш не успеала да го стори тоа. Александар Усик, Теренс Крафорд и Наоја Инуе се единствените борци кои имаат обединети титули во две тежински категории во ерата со четири појаси.
„Имав тешки подготовки и спаринг сесии со луѓе поголеми од мене. Искористив дел од моите вештини, и успеав да ја стресам, бидејќи стана алчна“, додаде Клареса Шилдс и подвлече:
„Сега ќе морам да направам операција на левата рака. Минатата недела скинав лигамент на левото рамо. Размислував да ја одложам борбата, но не сакав да го разочарам Флинт. Немав сила да го погодам тој удар. Се обидовме максимално да ја залечиме повредата за мечот, но сега мислам дека ќе направам операција на рамото“.