Промоторот на Џошуа, Еди Херн неодамна именуваше неколку потенцијални противници за Еј Џеј, а на таа листа се најде и Дилиен Вајт (31-3, 21 КО).
Но, британскиот боксер се сомнева дека неговиот сонародник нема да смее да влезе во рингот против него, бидејќи важи за премногу опасен противник кој би можел да му ја заврши кариерата.
И поранешниот двократен шампион во тешка категорија се обидува да се врати на светската сцена по поразот од Даниел Дубоа со брутален нокаут во петтата рунда на Вембли минатиот септември.
Вајт го победи Џошуа во неговите аматерски денови, но загуби во професионална борба во 2015 година. Реваншот требаше да се одржи во август 2023 година, но борбата беше откажана откако Вајт падна на допинг тест.
Џошуа се надеваше на голема борба против Тајсон Фјури, но бидејќи Џипси Кинг неочекувано објави дека се пензионира, неговиот тим се сврте кон други можни противници.
Промоторот на Џошуа, Еди Херн, го спомена Вајт како потенцијален противник во борбата за враќање на британската ѕвезда. Дилиен би сакал да ја искористи шансата.
„Џошуа е совршен противник за мене. Нема потреба да ме прашуваат двапати. Зборуваат за мене како можен противник, но ништо не ми кажале, тоа е само нивна преговарачка тактика. Но, јас сум подготвен за борба“, изјави Дилиен Вајт за Скај спорт и додаде:
„Ако сака да се бори, нека ми се јави, само тоа треба да го направи. Секогаш сум подготвен да се борам со Еј Џеј. Нема проблем за мене. Сепак, мислам дека е готово. Направи голема грешка што не доби веднаш реванш против Дубоа. Тој би заработил добри пари и би добил совршена можност да му се одмазди на Дубоа за поразот со нокаут“.
Вајт има три победи по ред и јасно стави до знаење со кого сака повторно да влезе во рингот.
„Сакам повторно да се борам со Еј Џеј и Тајсон Фјури бидејќи и двајцата ме победија. Еди Херн јавно изјави дека Џошуа би можел следниот пат да се бори со мене, но не знам дали ќе го стори тоа или не. Тоа ќе го реши неговиот тим, но јас би сакал да го пензионирам“, подвлече Дилиен Вајт.