Александар Усик не планира да се пензионира доколку повторно го победи Тајсон Фјури

Непоразениот украински боксер Aлександaр Усик во сабота повторно ќе се соочи со Тајсон Фјури, седум месеци по нивната прва борба во Кингдом арената во Ријад.

Тогаш Усик го победи Фјури со поделена одлука и стана првиот неприкосновен шампион во тешка категорија во ерата на четири појаси и првиот што го победил Џипси Кинг.

Во пресрет на реваншот во Ријад, Украинецот откри дека доколку победи повторно сака да се врати во поранешната тежинска категорија и уште еднаш да бара можност да стане апсолутен шампион во полутешка категорија.

„Ако уште еднаш го победам Фјури, тогаш повторно би се обидел да ги обединам титулите во полутешка категорија. Сакам да се обидам, се чувствувам добро“, изјави Александар Усик.

По освојувањето на златото во тешка категорија на Олимписките игри во Лондон во 2012 година, Усик ја започна професионална кариера во полутешка категорија, а во 2016 година ја освои титулата на ВБО во десетата борба.

Победувајќи го Мурат Гасиев во јули 2018 година тој стана неприкосновен шампион во дивизијата, а еднаш ја одбрани титулата кога во осмата рунда го нокаутира Тони Белју во ноември истата година.

Усик потоа се искачи во тешка категорија со победи над Чаз Витерспун и Дерек Чисора, пред да го победи Ентони Џошуа за титулите на ВБА, ИБФ и ВБО.

Откако ги одбрани појасите против Даниел Дубоа во август 2023 година, Усик го победи Фјури во мај и ја освои својата титула на ВБЦ.

Украинецот на 21 декември ќе ги брани светските титули во тешка категорија на ВБА (Супер), ВБО и ВБЦ, бидејќи во меѓувреме ја ослободи титулата на ИБФ.

Во пресрет на нивната нова борба, Фјури вели дека ќе му се реваншира на Усик за единствениот пораз во кариерата, а ќе побара и трет меч за да дознае кој е најдобриот боксер на оваа генерација.

„Тајсон Фјури имаше шанса, можеше да ме победи во шестата или можеби седмата рунда, а можеби и во 12., 11., прва, втора“, рече Александар Усик и подвлече:

„Но Тајсон не го направи тоа. Тој секогаш многу зборува. И Тајсон рече дека имав шанса да го завршам мечот порано. Има уште една борба пред нас, па ќе се обидам да го направам тоа сега“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО