На 9 декември 2024 година, во хотелот Гранд Елизее во Хамбург, Германија, официјално започна годишниот Конгрес на Светскиот боксерски совет (ВБЦ). Настанот собра претставници од професионалниот бокс од 176 земји, кои се вклучени во креирањето и развојот на професионалниот бокс на глобално ниво.
Претставници на Македонија на овој значаен настан беа Весна Чатлеска, претседателка на Про бокс Македонија и Дарко Чатлески, секретар на организацијата. Нивното присуство ја претставува кулминацијата на тимската и посветена работа на Про бокс Македонија, која успеа да ја внесе земјата во Светскиот боксерски совет (ВБЦ).
„Вториот ден од Конгресот започна со свечено отворање, кое беше проследено со низа состаноци поврзани со планирањето на активностите за 2025 година. Овие состаноци беа фокусирани на унапредување на боксот. Денот заврши со гала вечера на која присуствуваа многубројни познати имиња од боксерскиот свет.
Меѓу гостите на Конгресот беа легендарните шампиони Владимир Кличко и Ленокс Луис, Артур Абрахам ,актуелниот шампион Теренс Крафорд, како и истакнати боксерски имиња како Себастијан и Габриела Фундора, Конор Бен, Јунто Накатани и Маријана Хуарез. Настанот претставуваше уникатна можност за вмрежување и размена на искуства помеѓу сегашните и поранешните шампиони, промотори и претседатели на организациите.
Гостин на вечерта беше Турки Алалшик, кој доби специјална награда од ВБЦ за неговата поддршка и придонес во развојот на боксот. Наградата беше доделена во знак на признание за неговите напори и посветеност во промоцијата на спортот.
Една од главните точки на дневниот ред беше повторниот избор на претседател на ВБЦ. Делегатите едногласно го поддржаа актуелниот претседател Маурицио Сулејман, кој доби нов мандат за водење на организацијата, потврдувајќи ја неговата улога како лидер кој ги поставува стандардите за иднината на професионалниот бокс.
Првото учество на Македонија на ВБЦ Конгресот е значаен чекор за позиционирање на македонскиот професионален бокс на меѓународната сцена. Овој успех е доказ дека преку тимска работа, посветеност и визија, Македонија може да биде важен дел од глобалното спортско семејство во професионалниот бокс“, велат од нашата делегација на Конгресот на ВБЦ.
Конгресот на ВБЦ продолжува со активности во следните денови, со акцент на унапредување на боксот и поттикнување на нови проекти за иднината на овој спорт.