Македонската олимпијка во таеквондо, Милијана Рељиќ, викендов во Загреб освои бронзен медал. Со ова, таа почна со собирање поени за Олимписките игри Лос Анџелес 2028 година.
На големиот Mеѓународниот турнир Корејски амбасадор куп Кроација опен натпревар од светските Г1 турнири во Загреб, Рељиќ поради доброто рангирање во првото коло беше слободна. Потоа, во наредното второ коло ја победи извонредната американка Хлое Чуа со 2-0 во рунди. Исто така, во борбата за медал, во нерешена борба и со одлука на судиите, Рељиќ ја совлада и србинката Надја Савковиќ со скор 2-1. Во досегашните натпревари Савковиќ извојувала три победи над нашата олимпијка. Во полуфиналето во Загреб Рељиќ изгуби од шпанката Арлет Ортиз Бените.
Новоосвоените поени се дел од светската и олимписката ранг-листа, како увертира за норма за Олимписките игри Лос Анџелес 2028 година.