Чендлер е подготвен да се бори со Мек Грегор во декември, но Дана Вајт не верува во тоа

Американскиот ММА борец Мајкл Чендлер со месеци чекаше на мечот против Конор Мек Грегор, кој требаше да биде главен на настанот УФЦ 303, но Ирецот го откажа настапот поради повреда.

Чендлер не се откажува од евентуална борба против најголемата ѕвезда на УФЦ, а неодамна изјави дека се надева на тој меч до крајот на годината.

„Декември за Конор и мене е испишан насекаде. Тогаш би можеле да се бориме“, рече Мајкл Чендлер и продолжи:

„Има доволно време за опоравување и враќање во тренинг кампот. Декември има смисла. Луѓето го сакаат насилството што го носам во октагонот и очигледно Конор Мек Грегор е најголемото име во боречките спортови. Ако јас и Конор се бориме, конечно ќе ѝ ставам крај на оваа голема сага. Но, има повеќе опции“.

А Конор Мек Грегор повеќе од три години е надвор од кафезот. Ирецот ја скрши ногата на дуелот против Дастин Пориер и веднаш беше јасно дека му претстои долга пауза, а сега таа навистина е продолжена.

Иако Чендлер зборуваше за можен меч против Мек Грегор во декември, извршниот директор на УФЦ, Дана Вајт, не верува во тоа.

„Разговаравме и Конор сака да се врати на борбите. Ќе смислиме нешто, но нема да биде годинава. Неговото враќање нема да биде во декември“, истакна Дана Вајт.

Можеби повторно нема да го видиме Ирецот во октагонот, кој по изјавите на Вајт изјави дека се подготвува да се врати.

Ах Дана, декември е тој месец! Завршете ја календарската година со победнички настан! Сега што е ова? Следниот месец одам на подготовки на голема височина за мечот. ДЕКЕМВРИ! Кажете им на Дана и на УФЦ дека го сакате декември!, рече Конор Мек Грегор во објавата на X.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО