„50 години карате во Македонија“: Членската книшка број 1 за Димче Јанковски – прв дел

По повод „50 години карате во Македонија“ објавуваваме колумна на „членската книшка број 1“ во македонското карате, Димче Јанковски, во два дела.

Ова е посебна пригода за сите поборници на карате вештината да се запознаат со почетоците и неговата еволуција во најмасовен и најтрофеен спорт.

Есенските денови во 1967 година беше моментот кога во Македонија каратето започна да биде дел од спортот.

Тоа стекна огромна популарност и квалитет што со една реченица би можело да се срочи.

Седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век, грото од југословенската карате репрезентација го сочинуваа каратистите од Македонија, првиот медал за самостојна Република Македонија го донесе каратист и на крај, образот на  Македонија на Европската олимпијада го обелија каратистите.

Почетните тренинзи се одржуваа во Партизан 3, крај Градскиот парк во Скопје, а тренери беа Атанaс Кајчевски со портокалов појас (не црвен) и Сејдо Теофиловски со жолт појас.

Салата преполна, во две редици и не не собираше. Интересот огромен, нешто како нов спорт, нешто како вештина обвиена со мистерија од моќта на каратистите.

Меѓу првите кои почнаа со тренирање покрај мене беа Венцислав Недев, Димче Кичевски, Драган Стојановски, Евстратијос Турунидов, Исмет Мехмети, Александар Караѓозов, Драгиша Ивановски, Запро Запров, Драган Савиќ, Владимир Бошков, Стевче Крстевски, Кузе Смилевски, Кузе Симоновски и други.

Спортската или школска година 1967/68, спортот се практикуваше во Партизан 3, каде што имаше почетен семинар од карате мајсторот Илија Јорга, тогаш карате мајстор носител на црн појас I дан.

Пролетта 1968 година се одржа и првото полагање за појаси, и еден податок плус, тогаш беа издадени Дипломи за положениот испит (за жал без дата). Полагањето бeше на 17 март 1968 година, кога положивме со Страте за 6-ти кју / три црни црти пред Илија Јорга (податоци кои сум ги евидентирал во мојата книшка). Потоа имаше бројни полагања, но дипломи не се делеа што е еден хендикеп, освен некоја евиденција која ја поседувам.

Есента 1968 година, кога требаше да се продолжи со тренинзи, Партизан 3 ни откажа. Која беше причината? Претпоставувам дека Сејдо Теофиловски ја знае и може да даде појаснување.

Од таа причина се бараше простор, па за среќа, Партизан во Ѓорче Петров ни излезе во пресрет и ни ги отвори вратите. Во овој простор доаѓаа заинтересирантите од Скопје. Тренизите се одржуваа до крајот на 1968 година. Од јануари 1969 година тренинзите на големата група се преселиja во Партизан 4, кај Каналот – сала која денес не постои.

Јас и Страте – Евстратијос добивме жолт појас и останавме во Партизан Ѓорче Петров да водиме тренинзи за новозаинтересираните од тој дел на градот, а ние одевме во Партизан 4 на заеднички тренинзи со останатите кои се повлекоа. Со Страте ја водевме политиката на клубот до моето заминување во 1974 година.

Партизан Ѓорче Петров есента 1969 година ни го откажа гостопримството, па така со помош на Јосиф Таневски и Јован Јакимовски беше обезбедено непречено продолжување на работењето во ОУ „Мирче Ацев“ во Ѓорче Петров.

Првиот карате клуб во Македонија, Карате клубот „Мирче Ацев“ го регистриравме во Џудо одборот на Македонија – пододбор карате во 1970 г.

Покрај Планинарскиот сојуз (може и бокс) му беше доделено и задолжението за каратето на Панче Леов. Во организацијата на клубот покрај мене беа и Страте, Димче Спасев, Драган Колевски, а како претседател ги избравме Јосиф Таневски и Јован Јакимовски.

Во Партизан 4 долги години имаше карате. Во тие 1969/70 имаше неколку семинари водени од Илија Јорга и Душан Маринковиќ. Се одржуваа и полагања за појаси. Така за портокалов појас 4-ти кју положивме со Страте на 9 мај 1970 година. Последното полагање пред, најверојатно Илија Јорга, што го имавме заедно со Страте за 3-ти кју, зелен појас, беше на 30 мај 1971 година.

Клучни години за карате спортот беа 1971/1972 година.

Во 1971 година се формира Карате сојузот на Македонија, а како прв претседалел беше избран Цветан Цветановски. Претставник во првиот Управен одбор на Карате сојузот на Македонија од КК Мирче Ацев беше Јован Јакимовски. Стручно лице, конкретно за карате спортот во Републичка СОФК беше Митре Димовски. Во 1972 година почна и официјалната евиденција и издавање на натпреварувачки книшки. Како број 1, заради мојата документациска педатност, Димовски ја евидентира за мене.

Како претседатели на Карате сојузот на Македонија, подоцна МКФ и на крај КФМ се менуваа и тоа Богдан Муратовиќ, Васко Костојчиновски, Славе Пашовски, Круме Спиркоски, Драган Стојановски, Сејдо Теофиловски, Димче Кичевски, Јован Лазарев и повторно Драган Стојановски, кој е актуелен претседател.

Семинарите беа ретки во тоа време, па така за карате клубот Мирче Ацев баравме мајстор Илија Јорга да дојде да ни одржи семинар само за нашиот клуб. На пратеното писмо до него, добивме одговор дека треба да работиме, а тој еден ден ќе дојде да не види. Овој одговор не не задоволуваше, па така баравме карате мајстор кој би дошол. Се дојде до контакт преку Бранислав Радовановиќ до мајстор Марко Ницовиќ – Макото. Во пролетта 1972 година имавме првична посета од Радовановиќ, по што уследи првиот карате семинар со Макото.

Во тој период, немајќи доволно информации од јавните гласила, а посебно од областа на каратето, ние во суштина прифативме соработка и практицирање на вадорју стилот. Подоцна веќе се разјасни дека ние од шотокан сме прешле во вадорју. Таквото стилско работење ни задаваше бројни сопки од страна на оние кои останаа во шотокан, па дури и од самиот Илија Јорга и неговите поддржувачи.

Во 1972 година, летото, од 1 до 15 јули со Страте го организиравме првиот летен карате камп во Македонија, поконкретно во студентското одморалиште Студент во Претор. На овој семинар учестуваа членови на карате клубот Мирче Ацев, вкупната бројката беше 22 лица. Семинарот го водеше Марко Ницовиќ со неговиот асистент Микели.

Истата есен членовите од вадорју стилот, учествувавме во Белград на семинар воден од јапонскиот мајстор Мурамацу.

Како членови на карате клубот Мирче Ацев кој го водевме јас и Страте беа Драгољуб Колевски, Димче Спасев, Јован Лазарев, Петре Чешелкоски, Миланчо и Владимир Черкезови, Христаки-Таки Давитковски, Владимир Филдишевски, Цали Зоран, Кирил Андоновски, Јосиф Јаневски, Чедомор Саздовски, Раде Ѓерковски, Слободан – Бобан Младеновиќ, Никола и Крсте Гештаковски, Миливое Матејиќ, Менче Мирчевска, Јове Јовановски, Бранислав Митиќ, Ариф Карамфили, Таше Начевски, Лазар – Бардако Стојчевски, Слободан -Такачот Гавриловски …

Во 1972 година во просторот на Партизан 3 беше организиран првиот судиски семинар, на кој учествував заедно со Владимир Бошков, Кузе Смилевски, Славе Пашовски, и други. Семинарот го водеше и одржа Чутура (за точното име и презиме не можам да се сетам, а можно е и да пропуштам повеќемина од учесниците).

Во 1973 година во Охрид беше организиран првиот летен семинар за шотокан стилот. Стана традиција, Охрид да е симбол за шотокан, а Претор за вадорју.

Во овој период почнаа да се отвораат и други простори каде се вежбаше карате, како во Ученичкиот дом Сенич… Воедно се реактивира работата во Партизан3.

Во овој период, во кој спортот почна да добива поширока популарност, се отворија или во фаза на отворање на повеќе клубови како во Скопје, така и во внатрешноста. Ќе спомнам некои, како Вардар – Скопје (тренинзите беа во Партизан 4), Партизан – Штип/Миланчо и Владимир Черкезови, Работнички – Скопје, Цветан Димов – Скопје/Јован Лазарев, Лепенец – Скопје/Раде Ѓерковски, Гоце Делчев – Прилеп/Петре Чешелкоски, Преспа – Ресен/Бранислав Радовановиќ, Економист – Скопје, Сенич – Скопје и други.

Продолжува…

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО