Зоран Петковски: Појавувањето на Д Стронгест вориорс е добро и позитивно за македонскиот кикбокс

Д Стронгест вориорс е најмладиот кик бокс клуб на македонската сцена, но со многу искусен тренер и поранешен голем натпреварувач, Зоран Петковски. Повеќе работи се споени на едно место кои гарантираат напорна  работа и успеси.

По многу години се враќате на кик бокс сцената во Македонија. Што беше пресудно повторно да се активирате?

-Во 1999 гoдина почнав со приватен бизнис, ја формиравме фирмата и морав комплетно да и се посветам, па клубот му го оставив на мојот ученик Ивица Алексовски. Тој во меѓувреме работеше одлично на полето на боречките вештини, ја развиваше џит кун до вештината и БЏЏ и ММА спортовите. Направи Центар за боречки вештини „Стронгест“ и постигна големи успеси во тие спортови, како дома така и на меѓународен план. Јас во меѓувреме само рекреирав во клубот на Ивица и гледав како расте и напредува, но и се усовршував во тие нови спортови.

Последниве години бизнисот ми се стабилизира и можев да најдам време за водење на кикбоксинг тренинзи во клубот. Па со Ивица ја формиравме кикбоксинг секцијата. Во меѓувреме ја  заокружив и мојата кикбоксинг школа, која долги години ја развивам, па во кикбоксинг секцијата ја пренесував школата и учениците постигнаа добар квалитет. Затоа ги замоливме луѓето од Кикбоксинг Федерацијата да ни дозволат да настапиме на Државното кик бнокс првенство како клуб гостин, што ни беше великодушно дозволено. Така учествувавме две години. Потоа дојде време и да го регистрираме нашиот нов Кик бокс клуб „Д Стронгест вориорс“. Согласно законот, сега ги предадовме потребните документи на клубот во Кик бокс Федерацијата и во АМС, од каде треба да ни дадат решение за вршење на дејноста спорт.

Пресудно за моето враќање во кикбоксот е развојот на мојата кикбоксинг школа, и огромните потенцијали кои таа ги отвора за постигнување врвни светски резултати на нашите кикбоксери. Во меѓувреме го следев развојот на кикбоксингот во светот и можам да кажам дека најголемо внимание се посветува на физичката подготовка: кондицијата, снагата и издржливоста на удар, а многу малку на техничко-тактичката подготовка на борците. Македонските борци стојат многу добро на меѓународната сцена и има повеќе добри борци, но гледам дека има уште простор за напредување. Ќе ми биде криво ако не подготвам уште некој светски шампион како што беше Маја Витановска, а и ако не им понудам соработка и на останатите најдобри македонски борци и нивните тренери, ако сметаат дека е корисно, за тимски тие да ги постигнат нивните максимални резултати.

Стронгест ќе биде нов клуб на Кик бокс маитаи федерацијата на Македонија. Што може да очекуваме од најмладиот клуб?

-Најмладиот клуб почнува скоро од нула, зошто покрај тоа што екипата беше мала и почетничка – па уште и корона кризава ни требаше, што доста борци ги пасивизираше во тренинзите. Сепак, ние ги правиме подготовките за квалитетни тренинзи и очекуваме многу брзо да постигнеме одредени успеси на домашен план. Сепак, плановите се долгорочни и треба да се оди постепено, плански и без брзање. Со редовни и квалитетни тренинзи – успесите се неминовни. Најважни се квалитетната школа и физичките норми – секој успех има своја потребна норма. Златните медали се освојуваат на тренинг, со постигнување на потребните норми – а потоа само се оди на натпревари за нивно собирање.

Со појавувањето на клубот „Стронгест“ на македонската кикбоксинг сцена може да се очекува зголемување на конкуренцијата кај борците, а самото тоа значи и зголемување на квалитетот на борците и поголеми меѓународни успеси. Значи, нашето појавување е добро и позитивно за македонскиот кикбокс.

Кои се адутите на Вашиот клуб?

-Кик бокс клубот „Стронгест“ ги има сите потребни услови за вежбање на кикбоксот, има одлично опремена, голема и модерна спортска сала, затоплена, со татами, вреќи за удирање и сите потребни реквизити, две борилишта, фитнес сала со сите потребни справи, тоалети, тушеви – се што е потребно за врвен тренинг. Кога на тоа ќе се додаде и мојата кикбоксинг школа – ги има сите потребни предуслови за создавање на светски кикбоксинг шампиони !

Што ќе им пренесе поранешниот врвен кикбоксер Зоран Петковски на младите кикбоксери?

-Па, најнапред да не се залетуваат по брзиот успех, големите пари и слава кои ги носи врвниот спорт, а да се посветат на постапно и комплетно изучување на кикбоксинг школата, со максимална почит кон тренерот и колегите во спортот. Тие кои брзаат имаат фалинки во својата техничко-тактичка подготовка, не вложуваат доволно време за развој на потребните физички способности – и најчесто се разочаруваат од неминовните порази и повреди. Така, досега Македонија изгуби премногу кикбокс таленти, а тоа треба да се спречи. Секој борец за нас е како небрусен дијамант, за кој треба одредено време, труд и трпение – за да блесне во полн сјај.

-Потоа, дека најнапред треба да се грижат да го постигнат потребниот квалитет во спортот, па потоа со помош на спортските менаџери да го претворат во слава и пари. Кому славата и парите му се приоритет и главна цел за занимавање со кикбоксот – тешко дека ќе ги постигне. Главна цел е квалитетот, а останатото доаѓа потоа.

И најпосле, дека најважно од се е – другарувањето преку спортот и добивањето многу пријатели, од цел свет. Спортската кариера и славата имаат свој век, но пријателствата, меѓусебното почитување и комуницирање – остануваат за цел живот. Затоа спортистите треба секогаш да внимаваат на почитта кон тренерите, меѓусебното почитување и спортската култура, зошто во кариерата има многу победи и порази, титулите се губат и враќаат, но пријателствата остануваат за цел живот.

Каква е заинтерсираноста за кик боксот и за вашиот клуб? Каде вежбате?

-Можам да кажам дека интересот за кикбоксот е голем, дури и кај девојките и кај децата. Денес многу се популарни ММА борбите, за што е неопходно познавање и на кикбоксинг техниките, тие се основа и за таибоксингот кој исто така се вежба во Центарот „Стронгест“, а и останатите групи кои вежбаат џит кун до, стритфајт, БЏЏ, џудо, борење, фитнес и друго сакаат да ги знаат и кикбоксинг техниките за стендап борба. Сепак, лично сакам најнапред и формално да го добијам документот дека сме членка на Кик бокс Федерацијата и дека од АМС имаме решение за дејност спорт, па потоа ќе ја активирам програмата за уписи и начин на работа на клубот, која ќе биде многу интересна и атрактивна.

Тренинзите се во Центарот за боречки спортови „Стронгест“ во Скопје, во салата во Кисела Вода на „Емил Зола“ 10-а блиску до Стара рампа, за нејзино наоѓање има и гугл карта на фејсбук страната „The Strongest – Macedonia“. За контакт со нас и информирање за нашите активности може да се следат нашите фејсбук страна „KBK The Strongest“ и фејсбук профил „Кикбоксинг Клуб Стронгест“.

Можеме ли да очекуваме репрезентативци и медали од големите натпреварувања?

-Не само што верувам дека можеме, туку и очекувам големи успеси во наредниот период. Како најквалитетни и најискусни досега од клубот можам да ги издвојам Стефан Пецевски и Александар Јакимовски, но има и уште доста добри борци кои доаѓаат. Кикбоксот во Македонија сега е на многу добро ниво, но мојата цел е, заедно со останатите во Кикбоксинг Федерацијата на Македонија, со тимска работа и меѓусебна голема соработка, да го подигнеме македонскиот кикбокс во светскиот врв, каде што и ни е местото. Веќе има македонски кикбоксери кои високо котираат во светот, но мојата цел е да се изградат и уште многу нови македонски кикбоксинг ѕвезди, кои ќе ја прославуваат македонската кикбоксинг школа со генерации. Не чека многу работа, но мислам дека со квалитетна македонска кикбоксинг школа – врвните успеси на македонскиот кикбокс се неминовни!

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО