Златниот медал на Стефан Стојановиќ од светската Премиер карате лига за млади во Венеција е јубилеен за Карате клубот Макпетрол

Освојување на светски медал е најтешката и најнеизвесната работа во секој
спорт. На светските натпревари кои се во организација на Светската карате
федерација (ВКФ/ WKF) учествуваат од 85-105 држави, и затоа тие првенства се најквалитетни спортски манифестации.

Карате клубот Макпетрол, успешно ја заврши натпреварувачката 2024 година. Круна на успехот е освоениот златен медал на каратистот Стефан Стојановиќ, на Светската карате лига (Карате 1 Младинска лига) во Венеција, Италија. Да потсетиме дека претходно оваа година тој во Пореч на Светската младинска лига беше финалист и освои сребрен медал, потоа на официјалното Светско првенство во Венеција, освои бронзен медал, континуитетот на освојување на медали, освоени на светски натпревари во тековната 2024 година придонесоа тој да биде најуспешен млад спортист на Македонија за 2024 година.

Во сениорска конкуренција Петар Заборски освои бронзен медал во Атина, Грција, на светската Премиер карате лига Серија А, и тоа придонесе бројот на освоени медали од овој тип на натпревари годинава да се заокружи и да стане историски.

За Карате клубот Макпетрол ова е посебен успех бидејќи клубот стигна до
извонредната бројка од 50-ти освоен медал од овој тип на натпревари кои се во
организација на Светската карате федерација. Освоените медали се од
највисоко рангирани натпревари: светски златни лиги, светски Карате 1 Премиер лиги, светски купови за млади и светски Карате 1 Премиер лиги, Серија А натпревари.
Овие натпревари се на висина на светски официјални првенства по масовност,
квалитет и по број на учесници.

Досега во витрините на Карате клубот Макпетрол има вкупно 50 освоени
медали од овој тип на натпревари. Освоени се 11 златни, 13 сребрени и 26
бронзени медали. Импозантните бројки на клупски освоени медали со право го
ставаат овој спортски колектив како историски најтрофеен и најуспешен
македонски клуб.

Ако се додадат 7 (седум) освоени медали од официјални светски првенства и 18
(осумнаесет) медали од светските универзитетски првенства, тогаш вкупниот број
на медали со префиксот „Светски“ изнесува вкупно 75 (седумдесет и пет),
освоени светски медали од страна на каратистите на Карате клубот Макпетрол –
Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО