ЖСП ја опиша средбата со насилник кој го малтретирал во средно училиште: Одев по улица и го видов…

Жорж Сент Пјер е еден од великаните на слободните борби, чие име засекогаш ќе биде запишано со златни букви во историските книги на УФЦ. Сепак, години пред да го започне походот кон врвот на најсилната светска ММА организација и да освои титули во полусредна или средна категорија, канадскиот борец беше жртва на насилство од врсници. ЖСП во своето последно медиумско појавување зборуваше на оваа тема, но раскажа и интересна анегдота за средбата со насилникот кој го малтретирал во средношколските денови.

„Понекогаш се шегувам за тоа, имам многу добро досие како професионален ММА борец, но ако се вратите на времето кога ме малтретираа, имав пораз. Многу пати ме тепаа многу лошо. Бев млад, се тепав со момци кои беа постари и бројчано посилни од мене“, се присетува ЖСП во интервју за Хот 97, а потоа раскажува како е да се сретнеш еден од насилниците што те нападнале:

„Пред неколку месеци одев по улица и видов еден од момците што ме малтретира. Просеше на улица, бараше пари од минувачите. Ме препозна, не сакам да го споменувам неговото име, но му дадов неколку долари и му реков: „Што правиш овде? Треба да се срамиш од тоа што го правиш, многу мажи би убиле за да бидат како тебе, имаш многу потенцијал, изгледаш добро, висок си и силен, направи нешто со животот“.

Неочекуваната средба со боречката легенда, како и се што му кажа ЖСП во таа прилика, резултираше со голема животна промена на неименуваниот насилник.

„Недолго откако се запознавме, пред околу еден месец, отишол кај моите родители, тропнал на вратата и ме побарал. Татко ми му рече дека повеќе не живеам на таа адреса, на што тој одговорил: „Се запознав со него пред неколку месеци, ми кажа нешто што ме потресе и само сакав да му кажам дека ми го промени животот.Сега имам работа, добро ми е и сакав да му се заблагодарам за тоа.Кога ќе видите него, кажи му дека сум благодарен“, изјави ЖСП.

На шегата на водителот дека публиката се надевала оти приказната ќе заврши така што тој ќе го претепа својот поранешен насилник, легендарниот борец покажа високо ниво на емпатија и разбирање за личноста која го малтретирала во неговите помлади денови.

„Не, не.. Сфатив дека ме малтретирал затоа што и самиот бил малтретиран од неговиот татко алкохоличар со кој живеел и кој го тепал. Тој ми го направи тоа што му го направил татко му. Заклучокот е дека во животот понекогаш гледаме луѓе за кои мислиме дека се лоши луѓе, а всушност не се толку лоши како што опкружувањето ги определило“, заклучува ЖСП.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО