Жената што го обвини Конор Мек Грегор за силување објави книга за случајот

Никита Хенд, која доби граѓанска тужба против поранешниот шампион на УФЦ, Конор Мек Грегор, ќе ја раскаже својата приказна во мемоари „Не е совршената жртва“. Книгата, напишана во соработка со авторката Кетрин Роџерс, ќе биде објавена на 22 септември од Хачете букс Ирска.
Во ноември 2024 година поротата на Високиот суд на Ирска го прогласи за вивовен Мек Грегор, односно дека сноси граѓанска одговорност во случајот поврзан со инцидент во хотел во Даблин во декември 2018 година и пресуди отштета за Хенд. Поранешниот шампион на УФЦ продолжува да ги негира обвинувањата против него.
Според издавачот, мемоарите го следат патувањето на Хенд од ноќта на инцидентот до правната битка, како и нејзиниот живот по пресудата.
„Ова е личен извештај за преживување, барање правда и закрепнување од настаните што го променија нејзиниот живот“, соопшти Хачете букс Ирска.
Ова ќе биде прв пат Хенд да ја детализира својата верзија на настаните во форма на книга.
Веста предизвика низа реакции на социјалните медиуми. Некои корисници изразија поддршка за претстојното објавување, додека други повторно ги доведоа во прашање тврдењата на Хенд, наведувајќи аргументи и толкувања што беа дискутирани за време на судењето.
Овие објави претставуваат мислења изразени на социјалните медиуми и не претставуваат нови докази во случајот. За време на граѓанската постапка, Високиот суд на Ирска ги разгледа доказите и аргументите на двете страни пред да ја донесе одлуката.
Мек Грегор продолжува да ги негира обвинувањата и не го промени својот јавен став откако заврши случајот.



