Трајан Ангелов-Мечката (-97 кг, дивизија Д од 50-55 години) вчера во Атина-Грција одржа час по спортски патриотизам, односно покажа како треба да се бори секој спортист за националниот тим, па макар бил и ветеран, кој со своите 53 години ги придоби симпатиите на публиката, противниците, па и судиите.
„Да не беше повредата, сигурно ќе освоеше медал. А, шансите беа големи македонската химна да се свиреше среде Атина. Дојде да се бори со срце, а не туристички, како некои што одат на натпреварувања. Нема поддршка ниту од федерацијата ниту од државата, а ја претставуваме Македонија“, вели Аце Поцев од БК Бучим, кој е со Ангелов на Светското првенство за ветерани во Атина.
Поцев вели дека Ангелов повредата ја заработил во првата борба при зафат со фрлање, по што освоил четири бода.
„Повредата е многу тешка. Докторите не му даваа да продолжи, но по нашите молби, бидејќи желбата е поголема од болката, продолжи понатаму“, истакнува Поцев за волјата и храброста на Ангелов, додавајќи дека тој и судијата Илија Трајанов му биле и тренери и морална поддршка.
На СП учествувале 48 држави, меѓу кои е и Македонија, но без помош од Ферацијата и државата.
„Кој парадокс?! Подготовките траеја околу четири до пет месеци, финансирани од страна на клубот и од спонзорства, и, пак, ќе кажам, без помош од државата. Плановите се повторно да учествуваме наредната година и да се вратиме со медал. Да и докажеме на сите неверници дека можеме. Во третата борба (полуфиналето) заработи сериозна повреда на десното рамо, затоа и ја предаде борбата во третата рунда со претставникот на Јужна Африка, Кристофер Сатон, што ја загуби со службен резултат од 10-0. Не дај Боже да е пукнато“, посочува Поцев.
Тој објаснува дека бронзениот медал го имал во рака, но поради повредите, кои се сериозни, не успеал да го освои.
„Инаку, стана миленик на публиката, натпреварувачите, а за чудо и на судиите. Сите не можеа да поверуваат од каде е толку големата желба за борење и покрај повредите. При секоја борба докторите имаа интервенција и на челото и на главата, а потоа и на рамото“, раскажува за желбата и болката како заеднички влог во борбата за успех на Ангелов.
Интересно е тоа што Трајанов се сретна со Австралиецот Лазарос Пападопулос, кој го совлада 10-5, бидејќи тој е Македонец што живее во Австралија, а по потекло е од егејскиот дел на Македонија. Пападопулос на заедничката вечера му се восхитувал на Трајанов и рекол дека за целиот настан ќе пишуваат македонските весници во Австралија.
Ангелов вчера забележа две победи во категоријата до 97 килограми во Д- дивизија (50-55 години). Во првото коло го совлада Раинбах Езалотах од Иран со 9-0, а потоа и претставникот на Австралија, Лазарос Пападопулос со 10-5. Во полуфиналето е совладан од претставникот на Јужна Африка, Кристофер Сатон, со 10-0, откако ја предаде борбата во третата рунда. Ако Ангелов се бореше потактички, немаше да се повреди и сигурно ќе ја добиеше борбата за бронзениот медал, која ја избуги со 3-1 од Игор Зандепријани од Казакстан.
ipon.mk/В.Д.