Заев вети и Закон и Фонд за спорт, финансирање на олимписки канидати…(ВИДЕО)

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на свеченоста по повод избор на Спортист на годината даде повеќе ветувања за спортот и спортистите, како целосно финансирање на олмписките кандидати, нов Закон за спорт, Фонд за спорт, враќање на некои сали на спортистите и тоа во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

Во својот говор понатаму, Премиерот Заев рече:

„Вечерва, со моето присуство овде и јас вас ќе ве охрабрам и ќе ве уверам: Спортот го враќаме на спортските работници!

Професионалните спортисти и спортските работници ќе го добијат заслуженото достоинствено место во општеството, на тоа веќе почна да работи новата Влада во изминатите 6 месеци.

Владата на Република Македонија, заедно со Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи и нови места и поголем простор и повеќе средства, за нови спортисти и рекреативци.

Од почетокот на 2018 година почнуваме и со Олимписка програма којашто ќе има за цел, поддршка на одреден број спортисти кои ќе можат да остварат норма за Олимписките игри во 2020-та година во Токио. Програмата ќе трае до Олимписките игри и ќе ги покрие сите трошоци на спортистите во индивидуалниот спорт, за подготовките.

Почнавме изградба на нови училишни базени во рамки на најголемите училишта во 12 најголеми општини. Тука еден час по физичко воспитување ќе биде пливање, со што, освен што ќе го промовираме пливањето, ќе го намалиме и процентот на дечиња со зголемена телесна тежина и со деформитети во растот и развојот.

Отпочнавме процедури за враќање четири сали на федерациите, со што ќе им овозможиме простор на спортистите за секојдневните активности.

А, преку инвестирањето во младинските клупски категории, што исто така планираме да почне да се спроведува во 2018 година, ќе помогнеме на над 240 младински клубови, најдобри во своите категории, да продолжат да го унапредуваат младинскиот спорт.

Ќе го исполниме нашето ветување за нов Закон за спорт, со којшто ќе се обезбеди статус на дејноста спорт и спортистите во нашата земја, стабилни извори за финансирање на дејноста спорт од централниот и локалниот Буџет, како и можност за директна поддршка на спортот со средства од економијата во текот на 2018 година. Ќе ги воведеме ваучерите за реализацијата на намената делот од данокот на добивка за сите спортски клубови и федерации во Македонија.

Наша стратешка цел во спортот е да ги зголемиме средствата за спорт и да ги гарантираме и браниме неговата самостојност и развој. Ќе го воведеме исто така и Фондот за спорт. Идната година ја отпочнуваме постапката за изградба и на домот на спортот.

Сакам да знаете дека националните спортски федерации ја имаат поддршката на Владата во обезбедувањето материјални, функционални, просторни и кадровски услови за работа. Исто така и во креирањето современ национален систем на натпревари и организирање, во којшто приоритет е интересот и потребата на младите и на граѓаните на Република Македонија да спортуваат.

Честитки за сите сегашни и идни успешни спортисти. Имате спортски партнер во мене како премиер и во Владата за фер плеј во општеството во кое што и тоа како ги заслужувате своите шанси. Спортот обединува и сплотува, заедно, одиме заедно во нови заеднички победи“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON