Заборски задоволен од настапите на Моника Стефановска и Симона Заборска во Ротердам

Tренерот на KK Макпетрол, Бошко Заборски, e задоволен од пласманот на Моника Стефановска и Симона Заборска на Карате 1 Премиер лигата во Ротердам, Холандија, каде што Стефановска беше петта откако загуби во борбата за бронзениот медал, а Симона е девета.

„Турнирот во Ротердам беше од голема важност за сите нас, бидејќи е критериумски за влез во македонската репрезентација и најдобра контрола пред Европското првенство (ЕП) во Коаџели, Турција, во мај. Ние успеавме да оствариме два високи пласмани, две девојки влегоа меѓу десет најдобри во своите тежински категории на ова неофицијално светско првенство. Тие се и најдобри постигнувања од целата македонска експедиција. Стефановска имаше директна борба за бронзениот медал, меѓутоа беше поразена со минимален резултат 1-2. Заборска по двете победи, во третото коло беше поразена од украинската репрезентативка“, изјави Заборски.

Тренерот на Макпетрол го потенцира и одличното претставување на младата каратистка Анѓела Мојсовска кој беше најмлада учесничка на овој турнир со 18 години. Таа дебитираше во Премиер лигата и успеа да оствари три последователни победи, беше поразена во четвртфиналето од грчката спортистка Василаки во категоријата -68 кг.

„Во следниот период ни преостанува да поработиме на финализирање на спортската форма и да се обидеме да постигнеме добар резултат на Европското сениорско првенство во мај“, додаде тренерот на Макпетрол.

Моника Стефановска (-68 кг) во борбата за бронзениот медал загуби со 1-2 од претставничката на Грција, Василики Панециду.

Претходно Стефановска ги елиминира Англичанката Кејт Карвачински (7-0), Србинката Марина Радичевиќ (3-2), Босанката Ивона Ќавар (2-1) и во репасажот, Французинката Леа Аврези (2-0), додека загуби од Австријката Алиса Бухинегр (0-4).

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON