Промоторот на Фјури, Френк Ворен, изјави дека сè уште верува дека мечот меѓу Кралот на Ромите и Ентони Џошуа ќе се одржи на 3 декември и покрај тоа што сè уште ништо не е потпишано.
Тимот на Ворен минатата недела го испрати договорот до претставниците на Еј Џеј и тие моментално го разгледуваат, но се уште нема напредок.
„Договорот се уште не е потпишан. Го чекаме нивниот одговор“, изјави Френк Ворен за Токспорт и продолжи:
„Не гледам причина зошто да не се потпише. Главната работа во тој договор беше договорена, а тоа беше поделбата на хонорарот 60-40 во корист на Фјури. Има и клаузула за реванш во кој е договорена поделбата – 50-50. Единствениот проблем беше датумот на борбата, кој е декември.
Ворен потврди дека го вклучиле тимот на Џошуа во сите преговори поврзани со преносот на настанот, спонзорствата…
„Им помогнавме, а тие беа вклучени во се. Немаа причина да се грижат. И сега доаѓаме до оние кои ќе се вклучат во преносот на настанот“, рече Френк Ворен и додаде:
„А ние не сме разговарале со нив, бидејќи договорот се уште не е потпишан. Не гледам што е проблемот и не знам како може да се заглавиме на тоа“.
Промоторот се надева дека мечот меѓу Фјури и Џошуа ќе се одржи, а најави што го чека Кралот на Ромите следната година.
„Нема причина тој меч да не се случи, Еј Џеј излезе во јавноста и рече дека сака да се бори со Фјури. Значи, ако сака, треба да му даде инструкции на својот тим да го организира меч“, повтори Френк Ворен, а се осврна и на потенцијалната борба меѓу Тајсон Фјури и Александр Усик за апсолутен шампион на светот:
„Сите сакаме да го видиме мечот за обединување на титулата. Верувам дека тоа ќе се случи во март следната година“.