Од неодамна Владимир Трпаноски е претседател на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ). Покрај тоа што е успешен во бизнисот (комерцијален директор во нашата реномирана компанија Витаминка), тој е поранешен џудист од славната генерација на Пролетер од Прилеп.
Со џудото почнува да се знаимава далечната 1981 година во Прилеп во Џудо клубот Пролетер. Како Џудист е повеќекратен републички првак во категоријата во која своевремено настапувал. Во тогашно време има успех и на државно ниво со освојување на 4-тото место во Требиње. Во категорија на екипни натпревари на државно ниво, како клуб, го освојуваат третото место во во тогашна Југославија во Кикинда. Учествува на голем број јаки и реномирани турнири во тогашна СФРЈ. Има голем број на медали во текот на неговатаа 12-годишна џудо натправарувачка кариера. По завршувањето на активната натпреварувачка кариера продолжив да придонесува за овој спорт со активности како судија, а потоа и како член на Натпреварувачката комисија.
На Собранието на Џудо федерацијата на Македонија добивте поддршка од речиси сите клубови. Што ве мотивираше да го прифатите предизвикот и да ја водите ЏФМ?
-Многу фактори претежнаа кон тоа да го прифатам овој предизвик за претседателската функција на Џудо федерацијата. Личното искуство и постигнувањата во оваа дисциплина, знаењето за тоа што може да понуди и до какви трансформации на личноста може да доведе оваа дисциплина, во комбинација со љубовта и страста кон овој спорт, долгогодишното практикување и позитивните промени што доаѓаат со проучување и практикување на истата филозофија, беа можеби клучни за мојата одлука. На тоа се надоврзаа и моите лични преференции како човек, спортист и професионалец. Имено, верувам дека со личната заложба можам да придонесам за експанзија на џудото како спортска дисциплина на национално ниво и следствено за подобро етаблирање во меѓународни рамки.
Кои ќе бидат Вашите први чекори?
-Пред се консолидација на клубовите, зацртување на приоритетите и создавање на долгорочна стратегија која што ќе биде заснована на истите приоритети, популаризација на овoj спорт. Овие се работите на кои што треба да се работи. Но, иако одлуките за сите прашања во склоп на федерацијата, дали тоа би се однесувало на некои внатре структурни прашања или во насока на функционирањето, се носат заедно, во и со надлежните тела, делегатите, управниот и надлежниот одбор, сепак, мој приоритет и фокус каде треба да се насочат активностите на федерацијата се токму овие. Како човек што од млади години се занимава со овој спорт, верувам во вредностите на кои нè учи спортската дисциплина и во какви индивидуи може да нè изгради, ги препознавам бенефициите од спортот, а посебно од џудото како спортска дисциплина и затоа една од целите ќе ми биде токму тоа – промовирање на џудо културата и издигнување на овој спорт на едно друго, многу повисоко ниво.
Како џудист и човек од бизнисот, што се ќе биде потребно за да се крене македонското џудо на повисоко ниво?
-Треба многу да се работи и да се посвети време со конкретни чекори што првенствено треба да ги иницира и преземе федерацијата, но во соработка со клубовите, а секако и други инстанци и тела во државата. Еден од првите чекори што треба да се направи е да се подигне свеста за предностите од вежбање џудо на елементарно ниво, а свеста се зголемува само со правилна и добро креирана едукација. Наша мисија е преку едукација да им пренесеме на младите сознанија за џудо-културата и филозофијата на овој спорт. Родителите, но и младите треба да бидат информирани и да дознаат што значи тоа за духот, а што за телото, каква самоконтрола и морални и етички вредности создава оваа традиционална вештина.Потребно е да го популаризираме овој спорт, а тоа ќе го постигнеме само со едукација.
Дали планирате новитети во работата на Федерацијата?
-Џудо федерацијата опстојува подолго време и со секоја година ефектите од постоењето и заложбите на федерацијата се сè повидливи. Потврда за тоа е и бројноста на џудо клубовите кои се дел од ова тело и за чиј бенефит постои федерацијата. Новитети се секогаш потребни, затоа што се во насока на подобрување и унапредување на работата. Но, секако се ќе се одвива чекор по чекор, и како што кажав транспарентно, почитувајќи ги сите тела и процеси што произлегуваат од статутот на Федерацијата.
Дали во насока на подигнување на квалитетот на македонското џудо е и опција за ангажман на стручни лица од странство, бидејќи во регионов само Македонија е без успех на големите натпреварувања?
-Познавајќи ги моите колеги и џудисти во Македонија, убеден сум дека ги имаат потребни квалитети и степен на професионалност потребна за подигнување на квалитетот на македонското џудо. Можеби во помал обем и во пократок период, но сепак развивме добра основа за создавање перспектива за џудото како етаблирана спортска дисциплина. Тоа значи дека не секогаш, иако не е исклучена можноста за ангажман на странски експерти, истите тие странски експерти и професионални треба да ни бидат првиот и единствен избор. Недоволниот успех на Македонија на големите натпреварувања треба најпрво да го идентификуваме пред да се предадеме во рацете на скапо платени стручни лица од странство.
Воспоставивте ли контакт со Светската џудо федерација, затоа што во минатото беше ветена помош за развој на џудото, но не се реализира?
-Секоја помош и барање за помош треба да биде поткрепено со силни аргументи, така што тоа е процес кој се одвива. Но, како што кажав претходно треба да ја најдеме причината за неисполнувањето на националните амбиции на професионални нивоа, да ги лоцираме проблемите и недостатоците, па да бараме помош. Во секој случај, контакти ќе има за брзо време и ќе направиме максимални напори да ја добиеме ветенате помош која не е реализирана, но веќе се размислува за нови проекти кои треба да ги отпочнеме и интензивно да работиме на истите.
Во Управниот одбор ангажиравте луѓе кои немаат допирни точки со џудото, но затоа се успешни бизнисмени. Во којанасока ќе се ангажираат тие?
-Секој мој чекор е во насока на популаризација на џудото и во подигнување на нивото на професионалност. Сакам да видам македонски џудисти на меѓународни натпреварувања, постигнати резултати и медали, но за да стигнеме до тоа треба да имаме „армија“ џудисти од каде ќе произлезат и шампионите. За тоа да се постигне потребно е многу средства и многу работа, а привлекување на бизнис заедницата, како еден од нашите добротвори што ќе ги препознае вредностите на џудото и ќе инвестира во развој на истото, ни е еден од првите чекори. Назначувањето на истакнати бизнисмени во Управните одбори, веќе долго и нашироко се практикува во спортот, така што тоа е веќе проверена, докажана и вредна пракса. Ги избирав внимателно, според морални и етички убедувања, и верувам во овие луѓе дека ќе помогнат во отворање и создавање на нови можности за џудото во Македонија.
Ipon.mk