Витомир Трајковски имаше прием во Агенцијата за млади и спорт

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денес организираше прием за македонскиот каратист Витомир Трајковски кој пред три дена освои сребрен на Европското првенство У-21 во Тбилиси, Грузија.

Мојсовски му го честиташе големиот успех на младиот Трајковски и му порача да не застанува тука, туку да продолжи со напорна работа до уште поголеми резултати.

– Каратето во континуитет не радува со големи остварувања. Такво е и ова постигнување на Трајковски. Ние како АМС и како држава стоиме зад нашите каратисти и даваме безрезервна поддршка која ќе ја имаат и во иднина. Трајковски покажа дека можеме да се носиме со големите сили. Сребрениот медал е резултат на квалитетна и макотрпна работа. Наше е да ти обезбедиме беспрекорни услови за работа, како и средства за учество на големи турнири и натпреварувања, а твое е да продолжиш да работиш со несмален интензитет. На добар пат си да успееш и во сениорска конкуренција и ја имаш целосната наша поддршка, истакна Мојсовски.

Претставникот на KK „Макпетрол“ е единствениот член на македонската репрезентација кој на шампионатот во Грузија се закити со одличје. Трајковски се натпреваруваше во возрасната категорија У-21, и се пласира во финалето во тежинската категорија до 84 килограми. Тој освои сребрен медал без пораз, по нерешениот резултат од 3:3 во финалната борба, бидејќи Ерменецот Гор Нерсисјан зема прв поен во мечот.

– Златото ми избега за десетина секунди. Моменти го одлучуваа победникот. Моја цел е на следните големи натпреварувања да освојам злато, истакна македонскиот каратист и се заблагодари за поддршката што ја добија од АМС.

Трајковски претходно извојува четири победи во елиминацискиот дел од првенството и тоа со Давиде Лучијани (Италија) 3:2, Мелос Гаши (Албанија) 1:0, Никита Сахвон (Русија) 6:1, додека пак во полуфиналето беше подобар од Салих Халиловиќ (БиХ) со 2:1.

На Европското првенство во Тбилиси настапија над 1.100 каратисти од 49 земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО