Дали очекуваше да освоиш медал на највисокото рангирано првенство, Светските игри на боречки спортови?

– Мојот пристап е пред секое натпреварување, да си поставам цел и визија што потоа тежнеам да ги остварам. Се мотивирам така што пред секој турнир се гледам себеси на првото место, со осовоен златен медал. На истиот начин постапив и за овие Светски боречки игри (World Combat Games) во Ријад, на кои што учествуваа 1.700 спортисти од 80 држави. Во Саудиска Арабија се одржаа натпреваруваа во 16 боречки спортови, што на еден начин го направи овој турнир своевидна олимпијада во боречки спортови на која што се натпреваруваа највисоко рангираните осум спортисти во секоја категорија. Пред да заминам на моите тренери им реков дека ќе освојам прво место. Се вратив со бронза, но како резултат на одредени поени, борбата во полуфиналето многу лесно можеше да добие друга насока и повторно да станам финалист. И покрај тоа, освоеното трето место е извонреден успех.

Задоволен ли си од настапот и што преставува овој медал за твојата понатамошна кариера?

– Најискрено, задоволен сум од настапот. Верувам дека прикажав добри борби и демонстрирав врвно карате. Се подготвував напорно за ова највисоко натпреварување и верував во моите способности за што и добив потврда од постигнатиот резултат. Имав силна мотивација да се соочам со најдобрите и да оставам одличен впечаток на првенството. Дополнително, самиот факт што учествував на Светските боречки игри беше неверојатен, ова е искуство што цел живот ќе го паметам.

Витомир, ти последниве две години си прворангиран на Светската ранг листа, на првата позиција по освоени рејтинг бодови си веќе цела година, на што се должи оваа твоја висока позиција?
– Првото место на светската ранг-листа на Светската карате федерација (WKF) е во тесна поврзаност со медалите што ги освоив на највисоко рангираните првенства, односно за тие пласмани добив бодови. Најважни се сребрениот медал на ланското Светско првенство во Коња, Турција во категорија -84 кг (У21), потоа бронзата на Европскиот шампионат годинава во Ларнака, Кипар, во категорија -84 кг (У21), како и третото место на Светската Премиер карате лига серија А, во Атина во сениорска конкуренција. Исто така, на Балканското првенство за сениори во Србија 2022 година освоив среберен медал во поединечна конкуренција (-84 кг), со тимот во екипна конкуренција на Балканското првенство годинава во Тирана се закитив со сребро, а злато донесов и од годинашнава Европска универзијада на боречки спортови во Загреб.

Дали си задоволен од условите во твојот клуб Макпетрол, и дали имате подршка која е најважна за постигнување на врвни спортски
резултати?
-„Макпетрол“ не е само карате клуб, тоа е едно големо семејство. Тренираме двапати дневно, односно имаме десет тренинзи неделно, што е потврда дека напорно работиме и сме посветени на спортот. „Макпетрол“ е компанија што ни дава огромна поддршка, овозможени ни се сите услови и се чувствуваме како професионалци. Сето тоа создава одлични услови при подготовките, што, секако е пресудно за да постигнуваме врвни спортски успеси на сите натпреварувања. Пресреќен сум и навистина горд што освоив бронзен медал, меѓутоа, нема запирање, веднаш продолжувам со подготовки за следните, уште поголеми достигнувања. Во сето ова имам извонредна поддршка преку стручната работа на моите тренери Бошко Заборски и Петар Заборски, кои нè подготвуваат за специфичниот и за тактичкиот дел од каратето, а тука е и кондицискиот тренер, Иван Тиосављевиќ.