Селекторот на таеквондо репрезентацијата Борче Костовски, тренерот на репрезентацијата Дарко Костовски, олимпискиот вицешампион Дејан Георгиевски и репрезентативецот и олимписки кандидат Филип Додевски упатија потсетување до јавноста за ветувањата на државата по освојувањето на сребрениот медал на Георгиевски на Олимписките игри во Токио.
„Единствената врвна олимписка приказна во независна Македонија, која со континуирани врвни спортски резултати се заджува во кремот на еден олимписки спорт, е Дејан Георгиевски со неговиот стручен тим. Иако се цело срце посакуваме Македонија да има повеќе вакви приказни“, се вели во потсетувањето.
„Не чека нов олимписки предизвик во Париз, нова шанса да го израдуваме македонскиот народ, нова маѓична ноќ на плоштадот во Скопје.
Дејан Георгиевски е најсериозниот македонски спортист за олимписка норма, но изгледна шанса имаат уште неколкумина македонски теквондисти за виза во Париз.
Никогаш не сме се пожалиле од условите за тренинг, можеби и затоа испишавме историја, но само сакаме да споменеме дека после година ипол нема ништо од ветената посебна теквондо сала од државата, и зголемениот буџет за оваа единствена реална олимписка приказна.
Во таа смисла сега кога уште не е доцна, упатуваме еден јавен апел особено до државните полуги одговорни за спорт, да имаат предвид дека влегуваме во клучна олимписка година. На нас, на нашиот теквондо национален тим да гледаат како на свои луѓе кои се борат за свети национални бои, за нашите заедничките црвена и жолта, во најелитното спортско натпреварување, во самиот врв на еден олимписки спорт“, истакнуваат стручниот тим и репрезентативците и олимписки кандидати, со еднистеван констатација:
„Сето тоа го правиме за Македонија“!
Понатаму во обраќањето се вели:
„Како ни до сега, така ни од сега нема да се жалиме на условите за тренинг, иако се десеткратно полоши од нашите противници од Кина, Бразил, САД, Кореа, Иран, Турција, Мексико, Хрватска, Србија итн. И ништо да не добиеме, ние нема да се откажеме и самите ќе создадеме барем елементарни услови како што ги имавме до најголемиот историски спортски резултат во независна Македонија, сребрениот медал во Токио.
Но добро е сега кога не е предоцна да се запрашаме дали и овој олимписки циклус треба да говориме за спортски услови, или не. Ние се бориме за државата, сега таа е на потег.
Со огромно задоволство во оваа прилика сакаме да истакнеме дека една од најголемите македонски компании ќе биде наш генерален спонзор до олимписките игри во Париз, благодарност до сите луѓе кои несебично помагаат и вистински ја препознаваат оваа олимписка бајка која еден ќе заврши на филмско платно.
Иако со многу полоши услови од сите елитни спортисти во нашиот спорт, тоа што ни фали ќе го покриеме со МАКЕДОНИЈА“!
„Тргнуваме!
Почнуваме, Господ пред нас ние по него, тргнуваме во нов олимписки поход, без задршка, без пресметки. Тргнуваме по патот кој еднаш го поминавме низ солзи, крв, болка и полна душа, тргнуваме подготвени за жртва, подготвени на се, тргнуваме за Македонија! Со господ! За Македонија“, потенцираат д-р Борче Костовски, Дарко Костовски, Дејан Георгиевски и Филип Додевски.